Од Грција за Германија заминаа 90 бегалци – семејства со деца со сериозни здравствени проблеми

Од Грција за Германија денеска заминаа 90 баратели на азил -семејства со деца со сериозни здравствени проблеми, кои беа сместени во прифатните центри на грчките острови, јави дописничката на МИА од Атина.

Во рамките на европската солидарност, како што соопштуваат од Министерството за миграција и азил на Грција, Германија ќе прими 243 деца со сериозни здравствени проблеми, односно вкупно 928 бегалци, со оглед на тоа дека од грчките острови децата заминуваат со нивните семејства.

-Грчко- германската соработка во мигрантското прашање докажува дека, кога постои политичка волја и професионализам, принципот на солидарност се претвора во спроведена и ефективна политичка активност, рекол алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос.

Германскиот амбасадор во Грција Ернст Рајхел истакнал дека Германија продолжува да прима болни деца и деца кои имаат потреба од болничка нега, а се сместени на грчките острови.

-На овој начин, ние даваме јасен знак за европска солидарност. На тешкиот пат кон заедничка европска политика за азил, солидарноста на сите партнери во ЕУ е апсолутно неопходна, рекол Рајхел.

Ова е втората група бегалци што од Грција заминува за Германија, откако  минатата седмица веќе заминаа 80 баратели на азил.