Од денес во Германија има построги мерки, се споменува и локдаун

LinkSense.mk

Локдаун за невакцинирани или делумен локдаун за сите? Предлози за борба против растечкиот број на заразени има многу и тие не се нови. Тоа што впрочем повеќе не би требало да биде замисливо, повторно станува тема, пишува Дојче Веле.

Јенс Спах (ЦДУ), министер за здравство во техничката влада, во интервју за диселдорфскиот весник „Рајнише Пост“ зборуваше за можен делумен локдаун. „Во овој случај не би требало ништо да исклучиме, колку и да паѓа тешко тоа.“

Претходно да се дејствува – нова девиза?

Дали тоа може да помогне? Со оглед на влошената епидемиолошка состојба пред се на југоистокот на Германија, Спах истакнува дека конференцијата на премиери на сојузните покраини која е планирана за 9 декември би можела да биде одржана и порано.

Мислам дека ќе мораме нешто порано да превземеме. Гледаме дека состојбата во Саксонија, Баваријан и Баден Вуртемерг е многу сериозна“, изјави Спах за весникот од Диселдорф.

Бројот на заразени со корона вирус во Германија продолжува да расте. Институтот „Роберт Кох“ во последните 24 часа забележа 66.884 новозаразени. Тоа е 14.058 случаи повеќе отколку минатата среда, кога имало 52.826 заразени.

Невакцинираните во фокусот

По повод растечкиот број на новозаразени, кандидатот за нов шеф на ЦДУ, Фридрих Мерц, предлага воведување на локдаун за невакцинираните.

Тие кои не се вакцинирани или не го поминале вирусот, тогаш би можеле да одат само во аптека, во супермаркет или кај лекар“, изјави Мерц за новинската мрежа РНД.

Тој смета дека дополнително би требало да се засили притисокот на невакцинираните. Тие тогаш повеќе и не би можеле да работат. „Со консеквентна примена на ‘правилото 2Г’, пристап до фирмите и работното место би имале само вакцинираните и оние кои ја поминале короната – со сите последици“, вели Мерц.

Според него, мора да вреди правилото: „Нема невакцинирани во канцелариите, нема невакцинирани пратеници во Бундестагот, нема невакцинирани студенти на предавањата и нема невакцинирани фудбалери на теренот.“

3Г на работното место, работа од дома…

Според новиот Закон за заштита од заразни болести, кој е од денес на сила, во целата земја за вработените важи „правилото 3Г“. Тоа значи дека вработените за доаѓањето на работа мораат да имаат ковид-потврда. Невакцинираните лица се должни на работодавецот да му предочат актуелен брз тест или ПЦР тест не постар од 48 часа.

Уредбата која ја донесоа владата и сојузните покраини на сила ќе биде од 19 март 2022 година. Таа се однесува и на сите патници во возилата на јавниот превоз.

Со воведување на „правилото 3Г“ на работното место повторно доаѓа и обврската за работа од дома: ако нема оправдани причини за доаѓање на работа, треба да се овозможи работа од дома.

Покраините воведуваат и построги мерки

Неколку покраини повторно ги заострија прописите заради драстичното зголемување на бројот на заразени.

Во најнаселената германска покраина Северна Рајна Вестфалија од денес за невакцинираните постојат нови ограничувања. Како што соопшти министерот за здравство на таа покраина, на многу места сега вреди „правилото 2Г“. како пример ги наведе кината, баровите, рестораните, концертите, но и божиќните саеми, фудбалските игралишта и други големи манифестации.

Во дискотеките, клубовите или на карневалските прослави важи правилото „2Г плус“. Тоа значи дека не е доволна само потврда за вакцинирање и прележан ковид туку е потребен и актуелен негативен тест на корона.

Освен во продавниците, Баварија на сите места го воведува „правилото 2Г“, додека во многу културни и рекреативни објекти важи правилото „2Г плус“. Невакцинираните можат да се состануваат само со мал број на луѓе. Клубовите и баровите се затвараат, а рестораните ќе работат само до 22 часа. Нема божиќни саеми. На културните и спортските манифестации смеат да најмногу 25 посетители. На местата каде што седмодневната инциденција е повисока од 1.000 се затвараат рестораните, хотелите, спортските и културните објекти.

Далекусежните „2Г правила“ сега вредат и во некои други покраини. Во Бранденбург тоа правило се проширува и на малопродажбата, со исклучок на супермаркетите и другите продавници со производи за секојдневна употреба. Божиќните саеми се затвараат. На невакцинираните социјалните контакти значително им се ограничуваат. Училиштата преминуваат на онлајн настава. Покрај тоа, училишните божиќни празници почнуваат три дена порано.

Кој може сега да патува во Германија?

И покрај моментната драматична епидемиолошка состојба, правилата за влез во Германија се делумно поблаги отколку што беа пред една година. Сепак, со оглед на тоа дека бројот на заразени со корона вирус расте, од 9 ноември сите постари од 20 години кои влегуваат во Германија, без оглед на тоа од каде и со кое превозно средство, обврзани се да покажат ковид потврда. Значи, кој сака да влезе во земјата мора да има потврда дека е вакциниран, дека го прележал ковидот или да има негативен тест на корона. Таа уредба е на сила до 15 јануари 2022 година. Општо влезот е можен од сите членки на Европската унија, како и од земјите од шенген зоната.

Влезот во Германија од трети земји е повторно возможен, но со одредени ограничувања. Моментно на германската таканаречена „позитивна листа“ има дваесетина земји, а меѓу нив се Австралија, Канада и Јужна Кореја. Жителите на тие земји можат да патуваат во Германија ако со себе имаат ковид потврда, без оглед на причините на нивното патување.

Патниците од останатите трети земји за влез во Германија мораат да бидат во целост вакцинирани или да имаат оправдана причина зошто тоа патување е апсолитно нужно. На интернет страницата на Министерството за внатрешни работи е наведено во кои случаи патувањето се смета за апсолутно нужно.

Кога станува збор за вакцините, се признаваат само оние кои се одобрени од Институтот Паул Ерлих, а тоа се оние на фирмите Бионтек/Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон и Џонсон. Потполно вакцинирање значи дека се поминати најмалку две недели од примањето на втората доза вакцина, односно од првата доза на Џонсон и Џонсон кои се даваат само во една доза. И за оние кои го прележале корона вирусот е нужна само една доза вакцина.

Кој не може да влезе во Германија?

Во склад со тоа, во Германија не можат да патуваат жителите на трети земји кои не се на „позитивната листа“, лицата кои не се во потполност вакцинирани и кои не моѓат да наведат оправдана причина за нужност од патувањето.

Карантинот е задолжителен за сите кои по доаѓањето во Германија со себе немаат ковид потврда. Изолација е задолжителна и за патници кои доаѓаат од високоризични земји или од подрачја со варијанти на вурусот.

За оние кои доаѓаат од земјите со висок ризик задолжителен е десетдневен карантин, кои може да се скрати на пет дена ако тогаш се предочи негативен тест на корона. На списокот на високоризични земји на Институтот „Роберт Кох“ моментно се и многу членки на Европската унија, како што се Австрија, Белгија, Грција, Холандија, Хрватска и Словенија. На таа листа се и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Тоа значи дека карантинот е задолжителен и за германските патници кои се враќаат во земјата ако немаат ковид потврда.

Патниците кои во Германија доаѓаат од високоризичните земји обврзани се да го пријават доаѓањето со исполнување на дигитален образец.

За оние кои се враќаат од подрачјата со варијанти на вирусот задолжителен е карантин во траење од четиринаесет денови. Тоа се однесува и за вакцинираните и за оние кои ја прележале короната. Двонеделната изолација може да се скрати со претходно тестирање.

Ако сте потполно вакцинирани или сте го прележале ковидот не морате да се тестирате. Но, тоа може од вас да го побараат авионските или железничките компании со кои патувате во Германија. За тоа треба да се распрашате пред тргнување на пат. Во германија се признаваат само ПЦР (не постар од 72 часа) и антигенски тестови (не постар од 48 часа).