Од недела, 15 ноември, стапува на сила обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март 2027 година. Возачите кои нема да ги исполнуваат пропишаните услови ризикуваат казна од 45 евра, односно околу 2.770 денари.
Обврската важи за сите моторни возила што учествуваат во јавниот сообраќај, без разлика на временските услови и дали на коловозите има снег или мраз.
За патничките возила со маса до 3.500 килограми, зимска опрема подразбира зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри.
Возачите можат да користат и летни гуми на сите четири тркала, доколку длабочината на шарата е најмалку четири милиметри, но во тој случај задолжително треба да имаат синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.
За возилата со погон на сите четири тркала (4х4), доколку се користат зимски гуми, минималната длабочина на шарата треба да биде шест милиметри. При користење летни гуми, потребни се најмалку четири милиметри шара и синџири за снег.
Кај товарните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Како алтернатива може да се користат летни гуми со најмалку четири милиметри шара, но со задолжително поседување синџири за снег или други пропишани помагала.
Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала треба да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат, односно лопата.
Зимските пневматици се препознаваат по ознаките „MS“, „M+S“ или „M&S“, како и по симболот на снегулка на планина со три врва.
Од недела, возачите ќе треба да внимаваат не само на состојбата на гумите, туку и на задолжителната дополнителна опрема. Непочитувањето на правилата може да ги чини 45 евра, а целта на мерката е поголема безбедност во сообраќајот во текот на зимските месеци.
Фото: МВР







