Од Софија најави за деблокирање на европскиот пат на Македонија

Бугарскиот претседателот Румен Радев вчера во Брисел изјави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за страт на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, додека во исто време од Варшава полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, порача дека за Полска нема дилема оти земјава заслужува да почне преговори со ЕУ.

Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата, истакна дека дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро и очекува почеток на преговорите за наше членство во Унијата.

Румен Радев, претседател на Бугарија

„Јас многу јасно ја искажав бугарската позиција. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Македонија и Албанија. Бугарија е најголемиот пријател на Македонија, но патот до нивната европска перспектива поминува претежно низ Софија и ова треба да биде јасно, изјави Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата.“

Според бугарскиот претседател, политичкото раководство на земјава „треба да се стимулира да бара дијалог“ со Бугарија.

„Да, поддршката на ЕУ е важна, но најважна е поддршката на Бугарија, а за да се случи тоа, треба да седнеме мирно и искрено на масата и да ги прецизираме сите проблеми меѓу нас и како да бидат решени. Ние сакаме да видиме одржлив и неповратен процес, а не само декларации, додаде Радев.

Во исто време, новиот бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев најави дека негов прв приоритет ќе биде враќање на довербата и интензивирање на билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Македонија.

Светлан Стоев, министер за надворешни работи на Бугарија

„Ние сме отворени за дијалог. Она што е потребно е постојаност, конструктивен став во дијалогот и можам да кажам дека целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во воспоставувањето на довербата меѓу двете земји“, рече Стоев.

Тој истака дека бугарската политика кон Македонија е доследна и оти предлагаат продлабочување и рестартирање на дијалогот и тоа да биде од двонасочна перспектива.

Шефот на полската дипломатија Рау, пак, на средба со министерот Бујар Османи ја реафирмираше цврстата поддршка на Полска за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни годинава.

Збигњев Рау, министер за надворешни работи на Полска

„Полска цврсто стои на ставот дека процесот на пристапување мора да биде радикално забрзан и ние мораме што е можно побрзо, а најдобро оваа година да ги отвориме првите поглавја со Македонија и потоа ритмички да ги затвараме. Ние сме под позитивен впечаток за реформскиот процес на Владата во Македонија кои го приспособуваат политичкиот и општествениот систем на земјата кон стандардите на ЕУ, како и за обемот на транспортирање на законодавството со ЕУ во системот на земјата, кој е импресивен“, истакна Рау.

Тој нагласи дека во дискусијата за проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, а во тие рамки и на Македонија, Полска е во првите редови на поддржувачи за пристап на земјава.

 

(Фото: МИА)