Оланд нема повторно да се кандидира за претседател

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави вчера дека нема повторно да се кандидира на таа функција затоа што, како што објасни, сака да им пружи шанса на своите социјалисти да победат „против конзерватизмот и екстремизмот“.

„Одлучив да не бидам кандидат. Во следните месеци, мојата единствена должност ќе биде да продолжам да ја водам државата“, изјави Оланд.

Тој наведе дека рационално ги согледал своите шанси да добие широка поддршка во партијата која останува поделена околу дометот на неговата политика.

fransoa-oland

„Денес сум свесен за ризикот кој таквиот потег би го имал ако не добие широка поддршка“, рече Оланд во телевизиското обраќање.

Овој повод Оланд го искористи и да ги сумира своите достигнувања од превземањето на должноста во 2012 година.
Како што наведува Ројтерс, тој изненадувачки потег на Оланд остава можност некој друг од Социјалистичката партија да се кандидира за шеф на државата, а според одделни информации, тоа би можел да биде актуелниот премиер Мануел Валс.

Ова е првпат после повеќе децении актуелниот претседател да не се кандидира за реизбор.

f-oland

Според анкетите на јавното мислење, Оланд е досега најнепопуларниот претседател.

Сите истражувања предвидуваат дека ни Оланд ни кој било друг социјалистички кандидат нема да го помине првиот круг од изборите, туку дека одлучувачката битка во вториот круг ќе се води меѓу републиканскиот кандидат Франсоа Фијон и лидерката на крајниот десничарски Национален фронт, Марин Ле Пен.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат во 2017 година.