ОН: На Земјата и се случува климатски хаос

LinkSense.mk

Светската метеоролошка организација (СМО) вчера предупреди дека топлото време на планетата и зголемувањето на нивото на морето се влошуваат побрзо од порано.

Последниот извештај за состојбата на глобалната клима е хроника на климатскиот хаос. На сигналот за опасност на планетата, ние мора да одговориме со амбициозни, кредибилни климатски акции, истакна генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесе АП.

Светската метеоролошка организација во својот годишен извештај за климата соопшти дека порастот на нивото на морето во изминатата деценија бил двојно поголем отколку во 90-тите години на минатиот век, а од јануари 2020 година се зголемил дури и повеќе од тоа.

Според американската агенција, податоците за нивото на морето и просечните температури не се ништо во споредба со тоа како климатските промени влијаеле врз луѓето во екстремни временски услови.

Извештајот ги наведува неверојатните летни поплави во Пакистан, во кои загинаа повеќе од 1.700 луѓе и беа раселени 7,9 милиони, ужасната четиригодишна суша во Источна Африка, што остави повеќе од 18 милиони гладни, реката Јангцекјанг која пресуши на најниско ниво во август, и рекордните топлотни бранови кои ги зафатија Европа и Кина.

Овој најнов извештај на Светската метеоролошка организација изгледа како лабораториски извештај за критично болен пациент, но во овој случај пациентот е Земјата, истакна климатологот Џенифер Френсис од Центарот за климатски истражувања Вудвел во Кејп Код.

Во извештајот се вели дека нивоата на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид што ја задржуваат топлината, достигнале рекордно високи нивоа, а метанот се зголемува со рекордна брзина.

Се нагласува дека тоа значи повеќе од само загревање на температурата на копно.

Исто така, според извештајот, мразот и ледената покривка на Гренланд брзо се намалуваат.