Цените на акциите на поголемите берзи во Европа вчера главно пораснаа. Инвеститорите очекуваат низа важни настани оваа недела, вклучувајќи го и говорот на претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел. Нафтата поевтини, а курсот на еврото порасна.
Индексот на најважните компании во еврозоната Еуростохх 50 порасна за 0,64 отсто.
Во Франкфурт индексот ДАКС зајакна за 0,54 отсто, а во Париз индексот ЦАЦ 40 порасна за 0,70 отсто. Зајакна и индексот на лондонската берза ФТСЕ 100, за 0,55 отсто.
Во Виена индексот АТХ порасна за 1,07 отсто, а во Цирих индексот СМИ за 0,71 отсто. Во Милано, индексот ФТСЕ МИБ забележа раст од 0,68 отсто.
Во Њујорк, цените на акциите вчера, исто така, пораснаа. Дау Џонс, индустрискиот просек, на околу четири часа пред крајот на тргувањето беше за 0,44 отсто повисок од петочното ниво. Поширокиот СиП 500 досега се зголеми за 0,45 отсто, додека технолошкиот индекс Насдак е во плус за 0,42 отсто.
Американската централна банка утре ќе го претстави записникот од состанокот во јули. Откако минатиот месец каматните стапки останаа непроменети, кај берзанските инвеститори расте верувањето дека централните банкари ќе ги намалат во септември.
Годишната конференција на централните банкари започнува во четврток во Џексон Хол, Вајоминг, и ќе трае до сабота, а претседателот на Федералните резерви, Пауел, ќе зборува во петок. Се очекува на следната средба на 17 и 18 септември ќе сигнализираат за намалување на каматите.
Еврото зајакна во однос на доларот. Во Франкфурт доцна попладнето европската валута се тргуваше по 1,1069 долари, што е за 0,40 отсто повеќе отколку во петокот. Европската Централна Банка на пладне го одреди референтниот курс на еврото на 1,1041 долари (во петокот тој изнесуваше 1,0994 долари).
Нафтата пак поевтини. За 159-литарски барел тексашка нафта, што ќе се испорача во септември, попладнето на берзата во Њујорк, требаше да се издвојат 76,21 долар, што е за 44 центи помалку од петокот. Во Лондон, фјучерсите на северноморската нафта „Брент“ за октомври досега паднаа за 50 центи – на 79,18 долари.







