Османи: „Европа ни е приоритет!“

„Остануваме посветени на реформската агенда, со посебен фокус на европските приоритети. Продолжуваме и со активностите за унапредување на добрососедските односи, секако со фокус на Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка, и отстранување на разликите кои создаваат политичка недоверба“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на видео-средбата со шефот на чешката дипломатија Јакуб Кулханек, прва по неговото назначување.

Османи притоа посочи дека се надева на континуитет на дијалогот и со новата Влада во Софија.

Соговорниците изразија очекување за што поскоро усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција за формално започнување на пристапните преговори во јуни оваа година, за време на португалското претседателство со ЕУ.

Османи, патем, упати искрени честитки до чешкиот колега и му посака успех во извршувањето на оваа одговорна државна функција.

Тој во разговорот се осврна на процесот на интеграција на Македонија во Унијата, како и на внатрешните политички процеси поврзани со нашата реформска агенда.

Двајцата министри изразија задоволство од евидентното интензивирање на билатералната соработка во повеќе сфери од заемен интерес, од соработката во секторот безбедност и одбрана и од чешкото учество во заштитата на нашата јужна граница од илегална миграција, а беше разговарано за можностите за интензивирање на економската соработка.

Македонскиот министер на крајот изрази благодарност за досегашните чешки донации во текот на Ковид-19 пандемијата.