Османи: Никогаш не сум кажал дека ќе има меѓуетнички конфликт, предлогот е добар и не смееме да го пропуштиме

LinkSense.mk

Имаме историски момент да се реши прашањето со македонскиот јазик. Tешко е да имаме подобра шанса или предлог којшто ќе го засега јазикот, затоа велам дека сега е историски момент. За прв пат во нашата историја, 27-те земји членки го потврдуваат македонскиот јазик без фусноти, истакна денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На гостувањето на телевизијата 24, Османи рече дека предлогот е добар и во наш интерес и не смееме да го пропуштиме бидејќи во него се содржат сите пет барања на македонската страна, а македонскиот јазик без фусноти, ќе стане дел од официјалните документи на Европската Унија.

„Што побрзо да се даде шанса на овој проект. Имаше толку лажни вести и пропаганди, дел намерни, дел од непознавањето на проблематиката. Јас не сум видел такво нешто во мојата политичка кариера, без никаков обид да се прочита документот, луѓето кои не го прочитале текстот даваат мислења. Време е да се рационализира и да се каже конкретно што е проблемот. Истите кои го критикуваат, сега аплаудираат и го прифаќаат. Ваква дебата сега очекувам на консултациите. Рационална дебата, не дебата на емоции и личните позиции. Треба да се затвори ова прашање, за да се започна првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите, додаде Османи.

Министерот порача дека во јавноста се направил „спин“ од неговата изјава на брифингот во саботата кога говорел за можните последици кои би се случиле доколку предлогот не биде прифатен.

-Конструкција е тоа дека ќе има меѓуетнички конфликт. Никогаш не сум кажал дека ќе има меѓуетнички конфликт, тоа е спин. Јас не правам разлика меѓу албански и македонски прашања. Има семејства на кои им е недостоинствено да земат бугарски пасош, но мора да земат за да ги школуваат децата. Ако ние им ја земеме надежта дека нашиот пасош нема да биде европски, младите ќе почнат да бегаат, ќе почне да се губи хармонија меѓу населението, потенцираше Османи.

Во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот, Османи смета дека за ова прашање ќе го има потребното 2/3 мнозинство и очекува предлогот да помине со 118 гласови во Собранието.

 

МИА