Османи: СДСМ е совршена опција за успешна Македонија

Хади Османи, новинар, моментно на работа во Швајцарија, говори за политичката ситуација во Македонија, за неговите заложби за модерна Македонија, за желбата да помогне да се тргне на подобро

1. Дали верувате дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Демократската унија за интеграција ќе постигнат договор и ќе формираат влада?

* Јасно е како ден дека ДУИ изнаоѓа секакви причини за да купи време со надеж дека нешто ќе се случи и ќе избегнат коалицирање со СДСМ. Би рекол се прават недоветни. Знам оти потајно се надеваат дека ќе има нови избори. И на повторените избори демек тие и ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и ќе формираат влада. А, не сфаќаат дека од ден на ден имаат се помалку поддржувачи токму заради нивното не политичко туку „тендер-пријателство“ со ВМРО-ДПМНЕ. Длабоко во себе уверен сум дека идната влада ќе ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија затоа што тоа е желба на мнозинството граѓани, и на Македонци, и на Албанци, и на Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи …

2. Зошто посакувате новата влада да ја предводи СДСМ? Вашиот став дека сте за оваа опција отворено го изнесувавте преку разни колумни.

* Добро рековте, опција. Тука не станува збор за партија, ориентација или некоја желба или интерес на одделна група граѓани, туку навистина за опција, и тоа граѓанска опција. Јас со години живеам во Швајцарија која иако е дефинирана како конфедерација, системот функционира според граѓански концепт. А, тоа што го нуди СДСМ е граѓанска Македонија. Личноста е важна заедно со нејзините етнички и верски вредности, но тие вредности остануваат далеку од државата. Ова е совршен модел за успешна држава.

3. Има извесни информации дека ќе се ангажирате во СДСМ, дури и дека отворено ќе се кандидирате за некоја функција? Извесно време името на Хади Османи се поврзува како можен кандидат за градоначалник на Липково…

* Ова се вести од пред парламентарните избори што се одржаа во декември минатата година. Одделни лица се обидоа да ме дискредитираат. Уверени беа дека со озборувања од ваков вид ќе ми наштетат. А за мене не е дискредитација да се ангажирам во СДСМ. Напротив ќе ми биде задоволство. Јас сум подготвен да помогнам најпрвин да создадеме една исклучително силна граѓанска партија, а после тоа, се разбира заедно со СДСМ, да создадеме модерна европска граѓанска Македонија. Доколку во партијата сметаат дека јас можам и заслужувам таква одговорност би влегол во таква мисија со сета своја енергија. Ако, пак, се одлучат за некој друг, ветувам дека ќе му помогнам исто како да се работи за мене. Зошто сакам градоначалник од СДСМ во Општина Липково? Ќе ви кажам. Оваа општина беше заборавена од државата. Од една страна, кај Македонците имаше многу предрасуди, а друга страна, пак, мештаните поради игнорантскиот однос на политичарите кон оваа средина не ја чуствуваа Македонија како родена земја. Со градоначалник Албанец од редовите на СДСМ, со оглед на сериозноста на оваа партија, тука ќе се смени се од корен. Уверен сум жителите ќе почнат да ја чувствуваат државата како своја, како што впрочем и треба да е работата, и ќе се надминат сите предрасуди што ги споменав и кај Македонците кон Липково и кај Албанците кон Македонија како држава, па и кон владата и институциите воопшто.

4. Не се плашите ли дека албанските партии или вашите противкандидати ќе ве прогласат за предавник?

* Повеќе од 60 илјади Албанци им дадоа одговор на ваквите обвинувања, а знам дека уште толку, дури и повеќе, се подготвени да гласаат за СДСМ на следните избори. Ова е најдобар одговор за нив. Освен тоа, во општините во земјава каде доминантно е албанското население било која албанска партија ќе мора да коалицира со СДСМ за да имаат мнозинство во советот. Уверен сум дека ќе мораат заеднички да избираат претседавач на Совет. Ако може ДУИ во Куманово да гласа за Зоран Дамјановски, тога, нели, нема причина Хади Османи или кој било друг, како кандидат на СДСМ, да не ги добие гласовите на Албанците во Липково. Паметите ли како Гордана Јанкуловска не нарекуваше нас Албанците во разговорите што ги презентираше претседателот на СДСМ, Зоран Заев? За нас таа велеше дека сме неписмени Индијанци. Иако не навредуваше тоа за чудо не беше причина министрите и пратениците да станат најдобри другари со Јанкуловска и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа не сакам да се споредувам со нив во кој било контекст. На крајот на краиштата, кажете ми, имаат ли право да ме обвинуваат тие кои 10 години се „врзаа“ со ВМРО-ДПМНЕ и беа против Албанците, против Македонците и против Македонија? Тие ли се достојни да ме обвинат?

5. Колку според вас се реални и возможни црните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ кои ги најавуваат доколку се формира влада предводена од СДСМ?

* Да имаше ВМРО-ДПМНЕ таква сила, каква што нивните челници зборуваат дека има, одамна ќе направеа нешто. Со објавувањето на резултатите избегаа половина од „опасните“ барајќи прошка за тоа што го направиле. Другите ќе побегнат веднаш откако ќе се слушне во јавноста дека некого од оние кои се споменуваат во предметите на Специјалното јавно обвинителство, ставиле зад решетки. Запаметете што ќе ви речам, овие сегашниве „најгласни“ веднаш ќе се појават во јавност и ќе зборуваат дека биле малтретирани и принудувани да ги бранат челниците на партијата и дека цело време скриено се молеле ВМРО-ДПМНЕ да „падне“ од власт. Ќе бидеме сите сведоци на тоа дека тие најповеќе ќе се радуваат на апсењето на Груевски, Мијалков и другите членови на криминалната банда.