Останува препораката училиштата да почнат со работа, за дневниот престој се чекаат бројките од МОН

„Комисијата за заштита од заразни болести останува на препораката дека училиштата може да почнат со работа. За дневниот престој се чекаат конечните бројки од МОН“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

„Да, засега останува препораката дека училиштата може да почнат со работа. Ако го пратиме функционирањето на градинките, секојдневно практично ги пратиме бројките и епидемиолошките мини случувања во однос на појава на мини кластери во рамките на поединечни општини за во таа смисла да може да интервенираме или да дадеме дури и некоја таргетирана препорака во некој еден одреден дел од земјата. Значи, не на територијата на целата земја и тоа не само врз основа на бројката, туку и врз основа на епидемиолошките податоци, односно како тие луѓе се заразиле, кои биле контактите итн“, рече Филипче на денешната прес-конференција на новинарско прашање.

Тој го спомна повторно примерот во Демир Хисар кога инциденцата, рече, беше многу голема заради вкупниот број од заразени 26 лица во болницата и тоа споредено на населението кое што живее таму е голема бројка, меѓутоа, вели, сите беа локализирани во болницата и сите беа асимптоматски.

„Значи, анализираме повеќе параметри, не само бројката на новодијагностицирани“, појасни Филипче.

Во однос на препораките на Комисијата за заразни болести за дневниот престој нагласи дека се чекаат бројките на деца кои ќе одат во дневен престој.

„Во тек на оваа недела ги чекаме бројките на децата кои треба да останат во дневен престој. Дискутиравме на состанокот на Комисијата и ставот генерално е дека е ризикот мал заради тоа што станува збор за истата група деца кои се заедно во утринските часови, па треба да продолжат и понатаму. Но сепак зависи од вкупната бројка. Верувам дека во следните денови тој процес, го комуницираме со МОН и дека ќе го завршиме“, вели министерот за здравство.