Остар пад на германскиот извоз на оружје

LinkSense.mk

Германскиот извоз на оружје силно падна во првата половина од годината, со повеќе од преполовениот удел на испорака во земјите надвор од Европската унија и НАТО, покажа денеска извештајот на Министерството за економија.

Владата од јануари до јуни одобрила извоз на оружје и друга воена опрема во вкупен износ од 2,3 милијарди евра, што претставува пад од 17 отсто впо однос на истиот минатогодишен период, извести министерството непосредно пред седницата на владата.

Германскиот извоз на оружје падна меѓу 2016 и 2018 година, за во 2019 година да скокне на рекордни 8,5 милијарди евра. Во пандемиската 2020 година беше намален за повеќе од една четвртина, на 5,82 милијарди евра.

Во првите шест овогодишни месеци посебно остро падна извозот во земјите надвор од ЕУ и НАТО, на само 499 милиони евра, што е помалку за една третина од минатоигодишниот извоз.

Со тоа уделот на извозот во таа група на земји, контроверзен заради прашањето на човековите права и судири, потона на само 21,7 отсто, од 78,3 отсто во истиот минатогодишен период.

Основните податоци за извозот на оружје објавени се во јули, а во актуелниот извештај се дополнети со детални податоци.

Германската влада објавува редовни извештаи за дозволите за извоз на оружје од 2014 година.

Токму извозот на оружје е важно прашање во актуелните преговори за формирање на нова коалициска влада после септемвриските парламентарни избори.

Сакаме со закон да направиме извозните дозволи да не бидат секогаш обележани со осцилации и непредвидливост, туку владата да делува на основа на јасни и обврзувачки критериуми“, рече портпаролката на Зелените, Катја Кеил.

Целта е извозот на оружје во третите земји да биде исклучок, посебно на оружјето кое што се користи во оружените судири“, додаде Кеил.

Либералната ФДП, која за коалиција преговара со социјалдемократите и зелените, го поддржува регулирањето на трговијата со оружје на ниво на Европската унија, предупредувајќи на големи разлики во регулативата меѓу членките на Унијата.

 

 

 

(Фото: ЕПА)