Остра полемика за потребата од 60-катници во центарот на Скопје

LinkSense.mk

Планираме да го зголемиме фондот на изградба на станови на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и селектираме локации за комерцијални објекти на кои ќе се работи со вклучување на приватниот сектор како партнер, вели во интервју за МИА, Кристијан Трајковски, директор на АДССДП.

Со јавно приватно партнерство и во соработка со општините, истакнува Трајковски, планирале да направат хипер продукција. Еден од планираните проекти е за делот кој е урбанизиран на потегот кон касарната Илинден, кој, појаснува тој, со одлука на Влада би го презеле во рамки на годишната програма за изградба. Таму би имало деловен комплекс со станбени единици. Исто така и кај паркингот кај Холидеј ин со ДУП-от се предвидени три 60-катници за кои смета дека се идеална локација за современ бизнис центар, што му било потребно на Скопје.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, пак, вели дека во ниту еден случај нема да се градат три 60-катници во населбата Ново маало во Центар, до паркингот кај хотелот „Холидеј ин“ кои ги најави Трајковски.

 

Немаат никакво одобрение, ниту, пак, побарале такво нешто. Тој детален план е под мораториум и се разгледува од страна на Комисијата за проверка на плановите, која ќе направи корекција. Зградите најверојатно ќе бидат многу пониски, а дури некоја може да биде и избришана, зависи како ќе одлучи комисијата“,

Саша Богдановиќ

 

Градоначалникот на општина Центар вели дека за да дојде до промена на планот, треба да се направи нов, кој очекува да биде готов во наредните месеци.

Остра реакција на планот за изградба на три 60-катници кај „Хоилдеј ин“ има и од дел од советниците во Град Скопје.