Отворен ден на Централен регистар во Велес

Во регионалната регистрациска канцеларијата на Централен регистар во Велес денеска се одржа Отворен ден со граѓаните, на кој тие можеа да поставуваат прашања од областа на Трговскиот регистар, Регистарот на други правни лица, Регистарот на
годишни сметки и Регистар на залог и лизинг и сите прашања поврзани со работењето на централниот регистер.

Граѓаните најмногу прашувале за уписните промени и како може полесно да го користат системот за Е-регистрација, како да се регистрира правен субјект и како едно физичко лице може најлесно да дојде до податоците на Централен регистар.

Како што информира за МИА, Марија Бошковска Јанковски, директорка на Централен регистар, минатата година во земјава имало зголемен број регистрирани правни субјекти.

„Отворениот ден со граѓаните го правиме заради надминување на сите административни бариери со кои се соочуваат граѓаните, микро и малите бизниси, како и целиот бизнис во државата. Наша оценка е дека се подобрува бизнис климата во државата“, појаснува Бошковска Јанковски.

Таа потенцира дека зголемен број регистрирани правни субјекти има и регионалната регистрациона канцеларија во Велес, каде освен од градот се регистрирале и правни субјекти од други градови, како Кавадарци, Неготино, Гевгелија, но и од други градови во зависност од тоа каде тие самите ќе одлучат да извршат регистрација.

Бошковска Јанковски даде одлична оценка за работењето на регионалната регистрациска канцеларија во Велес.

„Од спроведената анкета годинава, можам да истакнам дека задоволството на граѓаните и бизнис заедницата од нашето работење е на многу високо ниво“, оцени Бошковска Јанковски.

Досега Централен регистар спроведе отворени денови во Кочани, Штип, Куманово, Тетово и Битола, а по Велес ќе има и во Прилеп, Скопје и Охрид.