Пад на акциите на Волстрит

LinkSense.mk

Берзанските индекси на Волстрит вчера остро паднаа, губејќи ги сите добивки од претходниот ден, бидејќи инвеститорите беа загрижени за послабите од очекуваните деловни резултати на најголемите трговски ланци во САД.

Дау Џонс падна за 1.164 поени или 3,57 отсто, на 31.490 поени, додека СиП 500 „потона за 4,04 отсто, на 3.923 поени, а индексот Насдак 4,73 отсто, на 11.418 поени.

Најголемиот дневен пад на индексот СиП 500 од јуни 2020 година, меѓу другото, се должи на падот на цената на акциите на „Таргет“ од 25 отсто, откако малопродажниот синџир објави голем пад на добивката во првиот квартал и предупреди на зголемени трошоци за гориво и транспорт. Ден претходно, најголемиот американски трговски ланец „Валмарт“ ги намали проценките за идните профити од истите причини.

Во сите 11 најважни сектори на СиП 500, цените на акциите паднаа, а најмногу во трговскиот и потрошувачкиот, повеќе од 6 отсто.

Овој пад е последица на проценката за тоа како, подолго отколку што се очекуваше, периодот на побрз раст на инфлацијата од платите ќе влијае на трошењето на мало. Резултатите од трговските ланци почнуваат да го покажуваат влијанието на слабеењето на куповната моќ на потрошувачите“, рече Пол Кристофер, стратег во инвестицискиот институт Велс Фарго.

Институтот вчера објави дека кон крајот на оваа и почетокот на следната година очекува блага рецесија на американската економија.

Растот на инфлацијата, војната во Украина, долготрајното нарушување во ланецот на снабдување, затворањето на градовите во Кина поради коронавирусот и заострувањето на монетарната политика на централните банки последните месеци ги притискаат пазарите за хартии од вредност поради страв од забавување на глобалниот економски раст.

Меѓу најголемите „загубари“ вчера беа акциите на технолошките гиганти. Цените на „Ејпл“, „Амазон“, „Енвидиа“ и „Тесла“ паднаа меѓу 5,5 и 7 отсто. Како резултат на тоа, вчерашните берзански индекси ги загубија сите добивки од претходниот ден. Од почетокот на годината СиП 500 падна за околу 18 отсто, додека индексот Насдак потона за 27 отсто.

Речиси две третини од акциите на СиП 500 паднаа за 20 или повеќе отсто од највисокото ниво во последните 52 недели. И на европските берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот ФТСЕ индекс се намали за 1,07 отсто, на 7.438 поени, додека франкфуртски ДАКС се лизна за 1,26 отсто, на 14.007 поени, а париски ЦАЦ на 1,20 отсто, на 6.352 поени.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)