Папа Франциско: Родителите не треба да ги осудуваат своите геј деца

LinkSense.mk

Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциско, им порача на родителите на хомосексуалните деца дека не треба да се осудуваат, туку да им пружат поддршка. На неделната аудиенција Папата зборуваше за тешкотиите со кои родителите може да се соочат при воспитувањето на своите деца.

Меѓу нив се и родителите „кои кај своите деца гледаат различни сексуални ориентации“ и размислуваат како „да се справат со ситуацијата, како да ги поддржат своите деца, а да не се кријат зад осудувачкиот став“, рече Папата.

Папата претходно изјави дека хомосексуалците имаат право да бидат прифатени во своите семејства. Тој рече и дека иако Црквата не може да прифати истополови бракови, таа може да ги поддржи законите за истополови заедници кои на хомосексуалните партнери им даваат еднакви права во областа на здравствената заштита, наследството и пензиите.

Ватикан минатата година објави документ во кој се наведува дека католичките свештеници не смеат да благословуваат истополови заедници, што наиде на големо негодување на геј католиците. Во некои земји, како што се Америка и Германија, бискупите почнаа да го прават тоа, па има се повеќе повици овој обичај да се институционализира.

Конзервативните верници на Католичката црква, која има 1,3 милијарди следбеници, веруваат дека Папата испраќа различни сигнали за хомосексуалноста, што е збунувачки за верниците. Црквата учи дека луѓето кон хомосексуалците треба да се однесуваат со почит, а иако истополовите сексуални односи се грев, хомосексуалните тенденции не се.