Париз гради ѕид околу Ајфеловата кула

Терористичката опасност ќе го промени просторот околу Ајфеловата кула. Од претпазливост од можен напад прочуената Железна дама ќе биде заштитена со – стаклен ѕид.

Тоа нема да биде единствената иновација со цел за подобра заштита на Ајфеловата кула. Ќе се измени и режимот на сообраќај во непосредната близина за посетителите да се чувствуваат посигурно.

ajfelova 3

Власите во Париз едногласно го прифатија предлогот да се изгради непробоен ѕид околу кулата, како одговор на терористичките закани на француската метропола, објави весникот Монд.

Ѕидот ќе биде поставен на две страни, додека на другите две, кои служат како влез и излез ќе бидат поставени метални решетки.

 

Заменикот градоначалник на Париз задолжен за туризам, Жан Франсоа Мартинс изјави дека изградбата на новиот ѕид кој треба да биде завршен кон крајов на годинава ќе чини 20 милиони евра, како и тоа дека ќе биде многу подобар и поатрактивен од бариерите кои сега се користат.

Оваа мерка е дел од планот со кој се предвидува зајакнување на безбедноста околу монументалниот француски објект.

ajfelova 2

Бариерата од непробојно стакло, отпорно на куршуми, висока 2,5 метри, ќе биде поставена на приодот на кулата, а ќе го штити и околниот парк.

Влезот во овој простор ќе биде строго контролиран.

Приодот на планетарно познатата конструкција на Гистав Ајфел е веќе под надзор, со метални бариери за кои градските власт сметаат дека не се доволно естетски, поставени околу споменикот кој го посетуваат милиони туристи од цел свет.

Дваесетте милиони евра колку што ќе чини стаклената заштита на кулата се дел од сумата од 300 милиони евра која ќе биде вложена за подобар прием, поголем комфор и безбедност на гостите.

ajfelova 1

Експертите велат дека ваквата ограда најдобро ќе се вклопи во амбиентот и дека истовремено ќе делува модерно.

Влезот во заградениот простор ќе биде бесплатен, додека искачувањето на Ајфеловата кула ќе се наплатува како и до сега.

Истовремено, системската контрола ќе бара повеќе трпение во редовите пред симболот на градот Париз.