Коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Македонска ера трета сувереност“, „Европски фронт“ предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и Работничка партија поднеле кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), до синоќа до 22 часот, кога беше и последниот ден за поднесување кандидати, листи поднеле и партиите Родина, потоа Аваја за третата, четвртата, петтата и шестата изборна единица и Твоја за првата, втората, третата и четвртата изборна единица.
Според Роковникот за парламентарните избори, ДИК по приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик и дали кандидатите за пратеници ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик. Проверката се прави и преку податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Институциите се должни да ги достават податоците за исполнетост на условите во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.
Ако се утврди дека во листата има одделни неправилности, ДИК ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на Комисијата за неправилностите. Ако ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листата ги отстраниле во законскиот рок, поднесената листа ќе ја потврди со решение.
Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен самиот да ги обезбеди предвидените докази за исполнување на условите.
Ако ДИК утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно по истекот на рокот определен со овој роковник, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листата.
Доколку ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителот на листата не ги отстранил во рокот од 48 часа, поднесената листа ќе ја отфрли со решение најдоцна во рок од 24 часа, сметајќи од истекот на рокот за отстранување на неправилностите.
Подносителите на листи или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од согласно членот 67 став (5) од Изборниот законик. Кога се работи за повлекување на кандидатската листа истата единствено може да се повлече во целост.
Кандидатите, на изборите на 8 мај, ќе се „натпреваруваат“ да освојат едно од 120 пратенички места и да бидат дел од парламентарниот состав 2024-2028 година.
Познат редоследот на кандидатите за шеф на државата на гласачкото ливче
Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде ист како и за претседателските кандидати, а за другите партии ќе се изврши дополнително ждребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик кои Собранието ги изгласа во рамки на 150. седница.
ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори.
Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1 815 350 избирачи, додека за претседателските избори 1 814 317 избирачи.
ДИК го заклучи Избирачкиот список: За претседателските избори има 1 814 317 гласачи, а за парламентарните 1 815 350
Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи.
Претседателските избори во земјата ќе се одржат на 24 април, додека вториот круг од изборите се очекува да се одржи на 8 мај истовремено со вториот круг од претседателските избори.
Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за двата вида избори.