Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за ГА-МА

По консултации со експерти од областа на енергетиката и правото, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, смета дека донесувањето на законот е во јавен интерес бидејќи државата ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем и на тој начин ќе се отвори можност за диверзификација на изворите за снабдување со гас на нашата држава, како и дека ќе се создадат услови за дополнителни вложувања во изградба на дистрибутивната мрежа. Исто така, нашата држава ќе стане транзитна рута за други држави во регионот.

„Усогласениот текст на спогодбата е направен со медијаторство на „Енергетската заедница–Виена“, меѓународна организација задолжена за усогласување на правилата и принципите на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ со државите кандидати за членство како и соседството на ЕУ“, се вели во соопштението.

Во однос на забелешките и критиките дека со ова решение е нарушено начелото на поделба на власта и дека Собранието ги презело ингеренциите на судот, претседателот Пендаровски, како што се наведува, смета дека владеењето на правото е обезбедено со надлежноста на Уставниот суд да ја контролира уставноста на законите.