Пендаровски и Ковачевски на 58. Минхенска безбедносна конференција

LinkSense.mk

Претседателот Стево Пендаровски и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски ќе учествуваат на 58. Минхенска безбедносна конференција, што од денеска до недела ќе се одржи во Минхен, Сојузна Република Германија.

На конференцијата, како што е најавено, ќе учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, како и стотина министри и шефови на релевантни меѓународни организации. Темата на годинашното издание е „Меѓународната соработка во време на растечки кризи“, а најавено е учество и на највисоки претставници на најзначајните меѓународни организации за безбедносни прашања.

За време на учеството на Минхенската безбедносна конференција, претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот Кабинет, предвидено е да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на разговорите ќе биде европската интеграција и безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.

Владината делегација, предводена од Ковачевски, ја сочинуваат вицепремирот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тие за време на тридневната работа на конференцијата, како што е најавено, ќе учествуваат на повеќе централни и придружни настани во рамки на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.

Ковачевски, како што е најавено, во рамки на конференцијата ќе оствари средби и со лидери од регионот и други високи претставници на одделни држави и меѓународни организации, а во сабота ќе има и обраќање на дебатата за перспективите на ЕУ-Западен Балкан на тема „Не изгледајте одвоено – исцртување на патека за ЕУ и Западен Балкан“ што ја организира Регионалниот Совет за соработка (RCC).

Како дел од активностите на членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија, министерката за одбрана, Славјанка Петровска ќе има излагање на панелот „Вечер посветена на иновации”, а ќе учествува и на сесијата „Конверзација со новата германска министерка за одбрана”. Петровска ќе учествува и на сесија посветена на контролата на вооружувањето, како и на панелот „Русија, Украина и безбедноста во Европа”, а ќе оствари и повеќе средби со министри за одбрана и воени и одбранбени авторитети.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како што е најавено, ќе учествува на посебен настан заедно со сите министри за надворешни работи од Западен Балкан, во организација на министерката за надворешни работи на СР Германија, Аналена Бербок. Османи ќе има свое излагање и на настанот „Дупката во срцето на Европа? Назад кон Западниот Балкан” и ќе оствари повеќе средби со свои колеги од европските и воневропските држави.

 

МИА