Пендаровски и Радев на заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј

Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на  Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев денеска заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посетата на Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.

Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на  Македонија.

Тоа ќе биде единствената заедничката активности на двајцата претседатели во чест на Свети Кирил и Методиј, а Пендаровски и Радев денеска по оддавањето почит на сесловенските проветители ќе имаат изјава за медиумите.

Шефот на државата Пендаровски, како што е најавено, денеска ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.  Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба , по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.