Пендаровски – Норлен: Поддршка од Шведска за евроинтеграцијата

LinkSense.mk

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Стокхолм, во рамки на работната посета на Кралството Шведска, оствари средба со спикерот на Парламентот на Шведска, Андреас Норлен, како и со дел од членовите на комисијата за надворешни работи, комисијата за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Северна Македонија и претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Северна Македонија.

Соговорниците разговараа за процесот на проширување на Европската Унија и за актуелните случувања во евроинтегративниот процес, како и за соработката меѓу двата парламенти. Претседателот Пендаровски, изразувајќи благодарност за принципиелната поддршка на Шведска, истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда. Истовремено, претседателот Пендаровски изрази очекување дека во престојниот период ќе се засилува политичката поддршка од Шведска. Во оваа насока претседателот Пендаровски потенцираше дека застојот во проширувањето на Европската Унија ќе се одрази врз стабилноста и ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и просперитетот на регионот.

На средбата соговорниците констатираа дека Северна Македонија и Шведска негуваат исклучително динамични и пријателски односи, при што беа нагласени заложбите за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и соработката. Во тој контекст, претседателот Пендаровски и спикерот на Парламентот, Норлен ја истакнаа неодамна формираната Управна група за демократски развој помеѓу парламентите на двете држави, како важна додадена вредност на парламентарната и воопшто, на билатералната соработка.

Во шведскиот Парламент, соговорниците разговараа и за приоритетите на Шведска како актуелен претседавач со ОБСЕ, преку кои ги застапува напорите за зајакнување на демократијата, човековите права и родовата еднаквост на сите релевантни форуми, а се заснова на силна посветеност на европскиот безбедносен поредок.