Пендаровски потпиша наредба Армијата да помага во справувањето со Kовид-19

Претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, врз основа на член 18 , став 1, точка 5 и член 28, од Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата на Република Северна Македонија во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна,
вонредна или воена состојба, и нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.

„Со оваа наредба, којашто стапува во сила веднаш, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при  справување со последиците од пандемијата на Ковид-19“, соопшти кабинетот на Пендаровски.

Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.

Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.

За спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата.

Армијата на Република Северна Македонија, и во минатото врз основа на истите правни основи била ангажирана во отстранување на последици од елементарни непогоди и поддршка на државните институции во мирновремени услови.