Петмина излекувани од Ковид-19 во Општата болница во Велес

Од Инфективното одделение при Општата болница во Велес денеска се излекувани и пуштени дома пет пациенти, од кои тројца од Велес и двајца од кичевските села.

Тие од државниот карантин, што е во хотел „Монтенегро“ кај Велес, како
позитивни на Ковид- 19, по извршените здраствени прегледи на тим од
Велешката болница, беа пренесени на лекување во Инфективното одделение на Велешката општа болница, каде беа изминатите 14 дена и се излекувани.

Ова за МИА го потврди д-р Весна Неделковска Николова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.

„Со денешните пет, во Велешката болница досега од Ковид-19 се излекувани вкупно 16 пациенти. Во моментов на Инфективното одделение се останати 15 пациенти, од кои кај 14 е потврден Ковид-19, а за еден се чека резултати од брис“, информира Неделковска Николова.

Според информацијата на ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес, во изминатото деноноќие се регистрирани нови два случаи со Ковид-19, со што бројот во Велес на дијагностицирани со Ковид-19 се искачи на 66.

Се работи за сопруг на претходно дијагностицирана пациентка и сопруга на пациент, кој е веќе хоспитализиран на Инфективното одделение при Општата болница во Велес.

Според евиденцијата на ЈЗУ Центар за јавно здравје, во градот во моментов на Ковид-19 активни се 52 лица.