Петтите антикризни мерки „заглавија“ во Собранието

Петтиот пакет антикризни мерки и другите точки кои ги усогласија власта и опозицијата остануваат на чекање во Собранието и засега нема информација кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат усвоени.

Координаторите на пратеничките групи на вчерашната вонредна координација кај претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, не постигнаа напредок во насока на деблокирање на целокупната работа на Собранието, вклучително и на работните тела кои се закочени повеќе од пет месеци, како што беше навестено во изјавите на сите политички чинители во изминативе денови.

Џафери на кооринацијата побарал Собранието да се деблокира на секое ниво, без натамошни условувања и ултиматуми.

Координаторите на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ на средбата го известиле претседателот на Собранието за кои точки е постигната согласност за деблокирање.

Засега останува неизвесно кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат изгласани овие законски решенија, како и другите точки усогласени на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека седниците, особено за пакетот антикризни мерки, треба да се одржат што е можно побргу.

Во СДСМ очекуваат опозицијата да ги деблокира и другите закони кои
се заглавени во собраниска процедура. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, апелираа до парламентраното мнозинство, по тргањето на амандманската блокада од Алијанса на Албанците и Алтернатива, да се закаже седница за пакетот економска поддршка на
граѓаните и компаниите.

Собранието, согласно заклучокот на координацијата, денеска треба да ја продолжи 32 седница со расправа по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025.

Вчерашната расправа по оваа точка од 32 седница траеше околу еден час, по што претседателот на Собранието ја прекина седницата поради процесот на имунизација на собраниските служби. Продолжението е закажано во 13 часот.