Планот на Џонсон за Брегзит ќе „изгори“ 90 милијарди долари

Влијателниот тинк-тенк центар ја критикуваше денеска спогодбата за Брегзит на премиерот Борис Џонсон, заклучувајќи дека британската економија ќе биде помала за 3,5 отсто во следната деценија отколку ако останат во Европската унија.

Во студијата на Националниот институт за економија и општествени истражувања се наведува дека спогодбата ќе и нанесе удар на Велика Британија од 70 милијарди фунти (90 милијарди долари), пренесува агенцијата АП.

Истражувачите велат дека перспективите на Обединетото Кралство ги замрачуваат политичката и економската неизвесност и порачуваат да не се очекува дека „стопанската активност ќе биде поттикната со одобрување на владиниот предлог спогодба за Брегзит“.

Нивното долгорочно предвидување темелено е на претпоставката дека Британија ќе ја напушти Унијата со спогодба за слободна трговија после транзицискиот период кој ќе трае до 2021 година, при што ќе се преговара за нови спогодби со други држави.

Во студијата се наведува дека „зголемените бариери за стоки и услуги, трговија и ограничување на миграцијата“ ќе ја примораат економијата да забави’.

Институтот процени дека британската економија сега за 2,5 отсто е помала отколку што би била ако Британија не гласаше во 2016 година за излегување од Европската унија.

Владата во Лондон вели дека планира поинакво сценарио од она кое го разгледувал тинк-тенк центарот.

„Планираме да преговараме за сеопфатна спогодба за слободна трговија со Европската унија, поамбициозна од стандардната спогодба за слободна трговија врз која Институтот ги темели своите заклучоци“, се наведува во изјавата на Министерството за финансии.

Според резултатите од истражувањата на институтот, Брегзит без договор би нанел уште посилен удар врз британската економија, со загуба на Бруто домашниот риход од дури 5,6 проценти.

Портпаролот на либералните демократи Том Брејк изјави дека овие бројки „не претставуваат изненадување“.

„Ториевската опсесија со Брегзит по секоја цена го доведува во ризик нашиот иден напредок. Неразумно е која било влада доброволно да ја усвои политиката која ќе го забави економскиот раст во годините што доаѓаат“, рече тој.