Можно е првиот израелски напад против одговорните за масакрот во јужен Израел на 7 октомври 2023 година веќе да е извршен, пишува „Политико“.
Една вечер во јануари, со дрон беше уништена висококатница во предградието на Бејрут. Пожарникарите и болничарите на местото на нападот пронашле изгорени и отсечени екстремитети.
Тие добија мрачна задача да ги отстранат труповите (и да ги соберат деловите од телата) на седум мажи. Станувало збор за луѓе кои присуствувале на состанок на високо ниво, на средба меѓу највисоките функционери на палестинската милитантна група Хамас и на Џама Исламија, либанска политичка фракција која неодамна го оживеа своето вооружено крило за да се приклучи на конфликтот со Израел.
Меѓу убиените е и Салех ал-Арури, заменик-шеф на политичката канцеларија на Хамас и ко-основач на вооруженото крило.
Тој, исто така, беше главен воен командант на Хамас за единиците со седиште на Западниот Брег – и човекот за кој израелската влада верува дека е клучен организатор на нападот на 7 октомври од Појасот Газа, во кој загинаа 1.200 луѓе, а 253 беа грабнати.
Израелските власти официјално не потврдија дека стојат зад нападот. Ниту, пак, го демантираа тоа. Но, многу изјави кои ги дадоа израелски официјални лица, а беа кажани многу внимателно, меѓу редови, може да се сметаат како признание дека во тек е мисија за пронаоѓање и ликвидација на одговорните за масакрот на 7 октомври.
„Нашиот став е дека секој во командната структура на Хамас кој е одговорен за масакрот на 7 октомври ќе ја плати цената“, им изјави на новинарите во Тел Авив, 10 дена по нападот во Бејрут, Марк Регев, советник на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Ќе дојдеме до нив, и правдата ќе биде задоволена“, додаде тој тогаш.
Салех ал-Ароури неколку пати беше во затвор поради неговите активности во рамките на Хамас, а најдолгиот престој траеше 15 години. Непосредно пред смртта, Арури бил запрашан дали е загрижен дека најверојатно е цел на израелските безбедносни сили, а тој одговорил: „Мислам дека предолго живеев“.
Еден ден после смртта на Ароури, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барне, објави дека неговата агенција е „посветена на расчистување на сметките“ за нападот на Хамас.
Зборуваше на погребот на неговиот легендарен претходник, Зви Замир, кој ја надгледуваше кампањата за одмазда на Израел за убиствата на израелските олимпијци во Минхен во 1972 година.
„Ќе треба време, исто како по масакрот во Минхен. Но, ќе ги најдеме каде и да се… Секоја арапска мајка треба да знае дека нејзиниот син, ако учествувал во масакрот, директно или индиректно, ќе биде убиен“, рече Барне.
Неговите зборови ќе послужат како предупредување за претставниците и командантите на Хамас дека може да очекуваат ликвидација, не само во блиските земји како Либан, туку и во Турција или Катар, па дури и ако се во некоја од државите членки на Европската унија.
„Ни требаа повеќе од 10 години да се ослободиме од сите кои го испланираа масакрот во Минхен, но ги фативме. Истото ќе го направиме и со оние кои стојат зад 7 октомври. Ќе дојдеме до нив и тие го знаат тоа“, изјави Јаков Пери, поранешен шеф на израелската безбедносна агенција Шин Бет.
Првата израелска кампања за ликвидација на припадници на Хамас пред половина век ја покрена тогашната премиерка Голда Меир, потсетува „Политико“. Беше насочена кон оние кои го планираа и надгледуваа упадот во просториите на израелските спортисти и нивните тренери на Олимпијадата во Германија во септември 1972 година. Во заложничката драма беа убиени 11 Израелци. Бројот на жртви можеше да биде помал, а за тоа Израелците ја обвинуваат неуспешната спасувачка мисија на германската полиција.
Двајца беа убиени кога членовите на Црниот септември упаднаа во собите на спортистите, а други девет подоцна во вооружената пресметка на воениот аеродром.
Меир го испрати Замир да се поврзе со германските власти. Тој подоцна не ја криеше својата огорченост кога сфатил колку слабо биле опремени германските снајперисти.
Исто како и нападите на 7 октомври, масакрот во Минхен го трауматизираше Израел, земјата чија историја е обликувана од антисемитски прогони и погроми, а која е втемелена по Холокаустот, едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото. Убиствата ги зајакнаа длабоките стравови и ја поттикнаа истата желба за одмазда каква што сега е присутна во Израел.
На почетокот, Голда Меир се двоумеше дали да го искористи тероризмот за борба против тероризмот, особено во Европа.
„Беше загрижена дека нашите луѓе би можеле да бидат вмешани во нелегални активности на европско тло“, изјави Замир за „Хаарец“ во 2006 година.
Но, шефот на шпионите успеа да ја разувери првата израелска премиерка, тврдејќи дека тоа повеќе ќе биде чин на одвраќање наместо одмазда, заради што таа ја одобри операцијата „Господов гнев“, тајна мисија за пронаоѓање и ликвидација на оние кои го испланирале нападот во Минхен.
Агентите биле регрутирани од припадниците на специјалните сили на израелските одбранбени сили – вклучувајќи ја и извидувачката единица „Сајерет Маткал“ – и од разузнавачките агенции Мосад и Шин Бет, а потоа биле испраќани во Европа.
Прв на списокот за отстрел бил Ваел Зејтер, роднина на Јасер Арафат, водачот на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Застрелан е во предворјето на станбената зграда каде што живеел, во Рим, во октомври 1972 година, само два месеци по случувањата во Минхен.
Во декември, Махмуд Хамшари, највисокиот функционер на ПЛО во Париз, бил тешко повреден кога експлодирала бомба поставена под масата каде што бил неговиот телефон, а била активирана од далечина. Починал неколку недели подоцна.
Во јануари 1973 година, Хусеин ал-Башир, претставник на Фатах, најголемата фракција на ПЛО, на Кипар, бил убиен во Никозија. Бомбата била поставена под креветот во хотелската соба.
Следеа напади во Париз, Бејрут, Атина, Рим и Варшава. Последната акција била изведена на Кипар во февруари 1988 година – 16 години после нападот во Олимпиското село.
Она што се случи по нападот во Минхен дава навестувања за тоа што може да следи по масакрот на 7 октомври, дури и откако би замолкнале пушките во Газа.
Пешадиските војници кои дивееја во јужен Израел на 7 октомври во голема мера ќе бидат оставени на сегашната офанзива во Појасот Газа, во која досега загинаа повеќе од 29.692 луѓе, според податоците на Министерството за здравство на Хамас.
Поголемите цели најверојатно ќе бидат прогонувани од специјалните сили, како што е тајниот антитерористички полициски одред „ЈАМАМ“, кој претходно беше задолжен за специјални операции во странство.
Нивното мото е цитат од Псалмот 18: „Ги гонев моите непријатели и ги стигнав. Не се вратив додека не беа уништени“.
ИДФ веќе ја пребарува Газа во потрагата по Јахја Синвар, водачот на Хамас во крајбрежната енклава, и неговиот помлад брат Мухамед.
„Постои сомневање дека двајцата се скриени во лавиринтот на хамасовите тунели. Дури и ако бидат пронајдени, потрагата нема да заврши. Тие знаат дека не можат да се скријат во Бејрут, во Катар, во Турција, во Европа. Ќе мора да се кријат со години… Секој човек кој е одговорен за масакрот, го финансирал или ги обучувал убијците, е одговорен“, порача Дени Данон, поранешен израелски пратеник во Обединетите нации
Напад со дрон во предградие на Бејрут предизвика егзодус на највисоките претставници на Хамас од Бејрут. Повеќето се упатија кон Катар, каде што живее Исмаил Ханије, шеф на политичкото крило на таа организација, објавија локалните либански медиуми.
Таму засега можеби ќе бидат безбедни – барем додека Катар игра важна улога на посредник во преговорите за заложниците, а на израелските агенти им е потешко да дејствуваат во емиратот отколку, да речеме, во Турција.Но, колку долго?
Израел покажа дека е способен да дејствува и во непријателско опкружување, изведувал успешни атентати дури и во Иран.
Во ноември, минатата година, министерот за одбрана, Јоав Галант, рече дека лидерите на Хамас надвор од Газа, како Ханије и Калед Машал, „живеат на позајмено време“.
„Сите тие се мртви луѓе“, рече тој.
Еден од главните организатори на операцијата „Пролетта на младоста“ во 1973 година беше Ехуд Барак, кој го предводеше првиот бран војници на либанските плажи, а потоа се преправи во жена за да се инфилтрира во Бејрут.
Сегашните шефови на Мосад и Шин Бет одбија да зборуваат за „Политико“ на оваа тема.
Сепак, изјава со задоволство даде пензионираниот шеф на Шин Бет, Јаков Пери, како и поранешниот премиер Ехуд Олмерт.
„Европејците се навикнати Израел да доаѓа и да убива терористи.
Тие едноставно не можат да бидат граѓани на тие земји – не можат да бидат Французи или Белгијци, на пример“, рече Пери.
Порача дека одговорните за нападите на 7 октомври на крајот ќе бидат фатени.
„Тоа ќе биде направено, иако, се разбира, со убедливо демантирање“, заклучи тој.
Ехуд Олмерт се согласи со неговите зборови.
„Сите тие заслужуваат да бидат убиени заради тоа што го направија.На Америка и требаа 10 или повеќе години да го убие Осама бин Ладен.Да, треба време.Личната судбина на оние кои ги извршија, организираа, оркестрираа и координираа злосторствата од 7 октомври не зависи нужно од одредена временска рамка“.
„Мораме да ја уништиме инфраструктурата на Хамас, да ги уништиме нивните финансии, линиите за снабдување, мораме да ги уништиме нивните резерви на оружје. Мораме да го направиме сето ова.
Потрагата по водачите можеби ќе потрае подолго, но на крајот, сите до еден ќе ги фатиме“, рече тој.
Дури и во Европа?
„Не мислам дека Израел некогаш прави нешто што не е убаво. Значи, нема да правиме ништо што не е убаво. И, секако, ако нешто се случи во Европа, тоа дефинитивно нема да биде дело на Израел“, додаде Олмерт, проследено со иронична насмевка.
(Фото: Хасам Шбаро / Анадолу – АФП)