Водечки политичари и воени лидери од целиот свет денеска се состануваат во Германија на Минхенската безбедносна конференција.Се очекува украински официјални лица да им се обратат на присутните на конференцијата.
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, и францускиот претседател, Емануел Макрон, се меѓу 45-те шефови на држави и влади кои пристигнаа на еден од најголемите собири за глобалната безбедност.
Потпретседателката на САД, Камала Харис, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, и кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, исто така, доаѓаат во Минхен, кој во следните три дена ќе стане центар на меѓународната дипломатија.
Додека Украина се соочува со нова руска офанзива, западните лидери треба да ја потврдат својата посветеност да го поддржат Киев, онолку долго колку што е потребно за да се одбие руската агресија, која започна на 24 февруари 2022 година.
Организаторите објавија дека руската влада поради инвазијата на соседната земја не е поканета во главниот град на Баварија.
Ова е првпат во последните неколку децении Москва да не биде присутна на годишниот собир на светските лидери и експерти за главните предизвици за меѓународната безбедност.
„Не сакавме на рускиот претседател Владимир Путин и на неговата влада да им дадеме платформа за ширење пропаганда“, рече директорот на конференцијата Кристоф Хегсен во Берлин на почетокот на месецот.
Од конференцијата оваа година е исклучен и Иран.
Се очекува дека истакнато место во дискусиите да има и напнатоста во односите меѓу Америка и Кина, влошени со прелетувањето на кинески балон над американска територија.
Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, ќе одржи говор во кој ќе ги разјасни позициите на Пекинг за актуелните меѓународни прашања, соопшти неговото министерство.
Кина продолжува да го поддржува Путин, сметајќи ги САД и НАТО за главни виновници за војната во Украина.
Повеќе од сто држави испраќаат свои претставници во Минхен, вклучувајќи повеќе од триесет министри за одбрана и 50 министри за надворешни работи.
(Фото: Архива / „Дојче Веле“)







