Речиси 7.200 мигранти и бегалци умреа или исчезнаа од почетокот на годината, што е 20 отсто повеќе отколку во 2015 година, објави Меѓународната организација за миграции.
Од вкупно 7.189 мртви или исчезнати, 4.812 го загубија животот обидувајќи се да го преминат Средоземно море, за да стасаат до Италија, Грција, Кипар или Шпанија.
Тоа во просек е 20 смртни случаи на ден, а конечниот биланс би можел да биде поголем за 200 до 300 до крајот на годината.
Преминувањето на Средоземното море каде оделе речиси 360.000 мигранти оваа година е најопасен пат.
Бројот на настраданите на таа рута претставува 60 отсто од вкупниот број од починатите и исчезнатите.
Според денешните податоци на ИОМ, бројот на настрадани мигранти во светот исто така порасна оваа година, посебно во северна и јужна Африка, Централна и Јужна Америка и на границата меѓу Мексико и САД.