Повторно гори на Кавказ

LinkSense.mk

Експлозии кои се припишуваат на артилерија и беспилотни летала пријавија жителите на Варденис, Јермук, Горис и Татево, градови во Ерменија, денеска нешто после полноќ.Ерменија го обвини соседен Азербејџан за нападот.

Се пука „по целата линија на ерменско-азербејџанската граница“, а владата во Ереван свика итен состанок, јавуваат локалните медиуми.

Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека војската на Азербејџан користи тешка артилерија и дека се користат и дронови.

Беспилотно летало ​​од турско производство „Бајрактар“, наводно, било соборено над Варденис, град кој се наоѓа во северна Ерменија и не е блиску до спорниот регион Нагорно Карабах.

Владата на Азербејџан, пак, објави дека Ерменија „почнала со широки провокации“ против азербејџанските вооружени сили, кои одговориле со „интензивен оган“ врз ерменските позиции.

Министерството за одбрана во Баку ги обвини ерменските „диверзантски тимови“ дека ги минираат патиштата и дека со минофрлачи ги гаѓаат позициите на азербејџанската армија во близина на градовите Басаркечер, Истис, Гаракилс и Горус, на азербејџанската страна на границата, предизвикувајќи „жртви и штета на воената инфраструктура“.

Азербејџан, исто така, наведе и дека има загуби меѓу војниците и воената опрема на ерменските вооружени сили.

Денешните судири претставуваат голема ескалација на тензиите меѓу двете кавкаски земји.

Азербејџан го нападна Нагорно-Карабах на почетокот на август, откако ја обвини Ерменија дека го прекршила примирјето од 2020 година и бараше целосна „демилитаризација“ на областа населена со етнички Ерменци – и предизвика осуда од Русија, која е гарант на примирјето.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан.Сепак, регионот има претежно Ерменско население и бараше независност од Баку во 1990-тите.Де факто тој дел е самоуправен и оттогаш ја ужива поддршката на Ерменија.

Во 2020 година, Баку и Ереван водеа 44-дневна војна за спорниот регион, што заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, со кој руските мировници беа распоредени во Нагорно-Карабах.

Прекинот на огнот со посредство на Москва остави половина од Нагорно-Карабах во ерменски раце и заштитен од руски мировници, додека сите други територии кои претходно беа контролирани од Ереван му беа отстапени назад на Баку.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)