Поддршка од Полска за политичкиот процес во Македонија со цел успешни евро-атлантски интеграции

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Војциех Тицињски, новиот амбасадор на Република Полска во Република Македонија.

Полскиот амбасадор Тицињски најави продолжување на поддршката од Полска на евро-атлантските интеграции на Македонија. Амбасадорот Тицињски изрази надеж за позитивен исход на политичкиот процес во Македонија, за реализација на уставните измени, отворање на патот за членство на Македонија во НАТО и напредок во евроинтеграциите. Оценката е дека позитивниот исход на процесот низ институциите е важен како за Македонија, така и за стабилноста и напредокот на целиот регион.

Заев информираше за разговорите со пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка на Предлогот за пристапување кон уставните измени, како и за определеноста на Владата за изготвување на нацрт амандманите низ соработка.

„Свесни сме за важноста и на внатрешниот интегративен процес, за реализација на обврските за членство на Македонија во ЕУ и НАТО и за спроведувањето на потребните реформи и затоа како Влада работиме транспарентно, низ инклузивни политики, рече премиерот Заев.

Заев и амбасадорот Тицињски заеднички го нагласија политичкиот дијалог како значаен за демократски развој на земјата и за усвојувањето на реформите што треба да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Изразено е очекување за свест кај сите политички субјекти за потребата од успешен политички дијалог.

„Во таа насока е потребно помирувањето, пред се политичкото помирување, без при тоа да биде нарушен правниот систем, рече премиерот Заев.

На средбата беше констатирано дека евро-атлантските интеграции се од големо значење и за економскиот развој на државата, бидејки политичките околности директно влијаат врз економијата и инвестициите. Новиот полски амбасадор Тицињски најави дека фокус на неговата работа ќе биде развој на бизнис односите меѓу Македонија и Полска, како и поактивна соработка во областа на туризмот.

Исто така, договорено е Полска да помогне со позитивните практики во функционирањето на локалната самоуправа, а најавено е и дека ќе се унапредува меѓусебната поддршка во културата. Амбасадорот Тицињски го запозна премиерот Заев со подготовките што ги прави Полска за одржувањето на Самитот во Познан во јули 2019 година, кој е продолжение на серијата самити од Берлинскиот процес за Западен Балкан. Тој изрази подготвеност, заедно во партнерство со државите од Западен Балкан, да се организира процес на консултација за содржината на Самитот што ќе се одржи следната година.

Зоран Заев, преку полскиот амбасадор Тицињски, изрази благодарност за поддршката од Република Полска на евро-атлантските процеси во Македонија и ги посочи како корисни искуствата од Вишеградската група, за развојот на целиот регион. Амбасадорот Војциех Тицињски соопшти дека Полска останува посветена на проширувањето и изрази надеж дека Македонија, престојното лето ќе ги отпочне преговрите за членство во ЕУ, а во меѓувреме дека ќе стане членка на НАТО.