Пожарите не стивнуваат, се бара прогласување кризна состојба

Во Македонија се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.

Во нивното локализирање и гасење се ангажирани сите расположливи капацитети – на локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи (ЦУК), војската, полицијата и граѓаните.

Помош пристигна и од соседството, од Србија и Бугарија, а денеска се очекува и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.

Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и и предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.

Владата утрово во 8.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог.

 

Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците

Стојанче Ангелов, директор на ЦУК

 

Тој најави помош од Словенија и во летала, а тоа е побарано и од Грција, за што, како што информира, се очекува позитивен одговор.

За гасење на големиот шумски пожар во Пехчевско со кој беа зафатени селата Мачево, Робово и Умлена, првично беа испратени пет хеликоптери, два македонски и три српски, но веднаш по нивното пристигнување беа повлечени поради исклучително високите температури.

Натчовечките напори на жителите, пожарникарите и сите инволвирани го спасија од опожарување манастирот „Св.Петка”.

Ангелов најави дека во реонот на општина Пехчево денеска ќе се интервенира со пет хеликоптери, уште рано наутро, се додека тоа го дозволува температурата на воздухот.

Синоќа пристигна помошта од Бугарија – пет противпожарни возила кои се вклучија во гасењето на пожарот кај маалото Пасјак во селото Нов Истевник.

Вечерта активни беа два пожари во реонот на Прилеп, еден кај Челопек во Старо Нагоричане, а активни жаришта имаше и кај Липац, Кумановско.

 

 

(Фото: МИА)