Познатите апелираат државите од Г-7 да споделат вакцини со најсиромашните земји

– Триесет познати личности денеска ги повикаа земјите од Г7 да обезбедат вакцини против коронавирусот за сиромашните земји, бидејќи се ближи самитот на седумте најразвиени индустриски земји во светот.

Во отворено писмо, познати личности од светот на забавата и спортот ги повикуваат лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Канада, Јапонија, Германија и САД да се обврзат да споделат најмалку 20 проценти од залихите на вакцини против коронавирус со сиромашните земји.

Меѓу потписниците на отвореното писмо се претежно амбасадорите на добрата волја на УНИЦЕФ, вклучително и актерите Лиам Нисон и Орландо Блум, актерката Вупи Голдберг, пејачката Кети Пери и фудбалерот Дејвид Бекам, шампионот во Формула 1 Фернандо Алонсо и тенисерот Енди Мареј.

Со очекувана донација од над 150 милиони дози помеѓу јуни и август, целта е да се намали ризикот од ширење на вирусот и ризикот од мутирани соеви, се вели во писмото.

„Светот потроши година и пол во борбата против пандемијата на Ковид-19, но вирусот сè уште се шири во многу земји и се појавуваат нови варијанти кои може да не вратат на почетокот. Тоа значи нови затворања на училиштата, повеќе нарушувања во здравството и понатамошен економски пад што ја загрозува иднината на семејствата и децата ширум светот “, предупредуваат потписниците на писмото испратено до земјите од Г7.