Покривката на Гренланд загуби 4.700 милијарди тони мраз

LinkSense.mk

Огромната ледена покривка на Гренланд изгуби 4.700 милијарди тони мраз за 20 години, што предизвика зголемување на нивото на океаните за 1,2 сантиметри, покажуваат новите податоци од данско истражување на Арктикот, објавено оваа недела.

Тој волумен на стопен мраз, кој би ја покрил површината на САД со половина метар вода, е особено важен за брегот на Гренланд, според истражувањето засновано на сателитско следење на програмата „Грејс“.

„Од почетокот на мерењата во април 2002 година, ледената покривка на Гренланд изгуби околу 4.700 гигатони мраз“, објави Полар Портал (Polar Portal), чадор организација на данските институти за Арктикот.

„Тоа топење на мразот придонесе за подигнување на нивото на морето за 1,2 сантиметри“, се додава.

„Податоците покажуваат дека најголем дел од загубата на мразот се случува на рабовите на ледената покривка, каде што мразот се повлекува, дека ледените фронтови се повлекуваат во фјордовите и на копно, и оти топењето е посилно на површината на мразот“, објасни организацијата.

Според овие податоци, особено е погоден западниот брег на Гренланд.

Глобалното затоплување е особено алармантно на Арктикот, каде што во последните децении е три до четири пати побрзо отколку во останатиот дел на светот, покажуваат најновите научни истражувања.

 

Според истражување што го објави НАСА кон крајот на јануари, забрзаното топење на мразот во близина на брегот се должи на затоплувањето на Арктичкиот океан, што придонесува „барем како и површинскиот воздух“ за намалување на ледената покривка.

Топењето на мразот на Гренланд моментално е главната причина за зголемувањето на нивото на океаните на Земјата.

Глечерите на Гренланд се повлекуваат шест до седум пати побрзо отколку пред 25 години, според НАСА.

Според климатолозите, на Гренланд има толку многу мраз што доколку се стопи нивото на океаните би можело да се зголеми за повеќе од седум метри