Полицијата три часа го сослушувала премиерот на Израел заради примање поткуп

Израелската полиција во понеделникот три часа го испрашувала премиерот бенјамин Нетанјаху, осомничен за примање „незаконски подарок“.

„Повеќе детали не може да се дадат во оваа фаза“, се наведува во соопштението после сослушувањето во резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим.

Министерството за правосудство потврди дека Нетанјаху го распрашувала единицата „Лахав 443“ која се бори против корупцијата во полицијата.

Нетанјаху е осомничен дека „примал подароци од стопанственици“.

netanjahu-2

Според сознанието на полицијата, одделни богати стопанственици на премиерот „систематски“ му плаќале патувања во странство и му давале подароци, заради што постои „основано сомнение за кривично дело кое оправдува отворање на кривична истрага“, пишува во текстот на израелското Министерство за правосудство.

Во пораките на Фејсбук Нетанјаху во понеделникот негирал дека сторил какво било кривично дело, обвинувајќи ги политичките противници и некои медиуми дека сакаат да го симнат од власт без избори.

Израелскиот закон предвидува дека оставка мора да поднесе секој член на владата против кого ќе биде поднесено обвинение за корупција.