Поради пожар затворен патот Штип-Кочани, гори и во кумановско и прилепско

Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. Пожар има и во прилепскиот крај, на потегот меѓу Топлица, Ракле и Никодина.

Вечерва сè уште е активен и пожарот кој е на поголема височина и на непристапен терен на потегот меѓу Дренак и Жељувино и го гасат пожарникари, припадници на МВР и шумското стопанство. Таму гори нискостеблеста шума.

Моментно под контрола е ставен огнот во Челопек, во општина Старо Нагоричане.

Во Старо Нагоричане денеска биле регистрирани два пожара, првиот од 11 до 12.30 часот, а вториот од 15.20 до 19 часот.

Пожари деновиве ја зафатија и околината на Прилеп. Вчера беше изгаснат пожарот на потег Канатларци–Подмол, а пожарот меѓу Топлица, Ракле и Никодин се уште е активен. Огнот во прилепско се шири во три правци, кон населеното место Никодин, вториот од Ракле кон запад и третиот од Топлица кон магистралниот пат Прилеп–Градско.

Припадници на Армијата и на противпожарната единица и вработени во Македонски шуми ќе се упатат на терен во критичните региони, а во состојба на целосна подготвеност ќе бидат јавните комунални претпријатија.