ПОРАЗИТЕЛНИ ПОДАТОЦИ: Глобалните емисии на CO2 за 2023 година ќе бидат највисоки досега

LinkSense.mk

Глобалните емисии на јаглерод диоксид што произлегуваат од согорувањето на фосилните горива оваа година ќе достигнат рекордно ниво и ќе ги влошат климатските промени и ќе придонесат за појава на разорни и екстремни временски услови, предупредуваат научниците.

Во извештајот за глобалниот буџет за јаглерод објавен во вторникот по повод Самитот за климата КОП28 (COP28), се вели дека вкупните емисии на CO2, кои минатата година достигнаа рекордно ниво, во 2023 година ќе стагнираат заради благото намалување на искористењето на земјиштето, како што е уништувањето на шумите.

Се очекува дека државите ќе испуштат вкупно 38,6 милијарди метрички тони CO2 од фосилните горива во 2023 година, односно дека емисиите ќе се зголемат за 1,1 отсто во споредба со претходната година, се заклучува во извештајот на научниците од повеќе од 90 институции, вклучувајќи го и Универзитетот во Ексетер.

Кога ќе се вклучат и емисиите настанати од користење на земјиштето, глобалните емисии на CO2 годинава треба да изнесуваат вкупно 40,9 милијарди тони.

Емисиите настанати од јаглен, нафта и гас пораснаа најмногу поради Индија и Кина. Растот во Кина е предизвикан од повторното покренување на економијата на таа земја после затворањето за време на пандемијата од коронавирусот, а во Индија растот е предизвикан од зголемената побарувачка за енергија, за која обновливите извори се недоволни, што се надополнува со фосилни горива.

Овогодинешното движење на емисиите го оддалечува светот од стремежот да се спречи глобално зголемување на температурата за 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриското време.

„Се чини дека е неминовно дека ќе ја поминеме границата од 1,5 степени што ја поставивме во Парискиот договор“, вели професорот од Ексетер и водач на истражување, Пјер Фридлингштајн.

Државите со Парискиот договор од 2015 година одредија дека нема да дозволат глобалното затоплување да надмине 2 Целзиусови степени, но и дека ќе се залагаат да не надмине нити 1,5 степени.

Научниците истакнаа дека зголемувањето на температурата за повеќе од 1,5 степени ќе предизвика поекстремни, неповратни последици, како што се смртоносни жештини, катастрофални поплави и одумирање на коралните гребени.

„Лидерите на состанокот на КОП28 ќе треба да се договорат за брзо намалување на емисиите на фосилни горива за да не се премине границата од 2 степени“, порачува Фридлингштајн.

Од меѓувладиниот тело за климатски промени на Обединетите нации сметаат дека емисиите мора да паднат за 43 отсто до 2030 година, за да може затоплувањето да не ја прејде границата од 1,5 степени.

Но, во последниве години емисиите се зголемија.

Пандемијата со коронавирус предизвика кратка пауза во растечкиот тренд, но емисијата сега е за 1,4 отсто повеќе отколку пред избувнувањето на пандемијата.

Научниците од Центарот за истражување на енергијата и чистината на воздухот (CREA) минатиот месец рекоа дека стакленички гасови од Кина можат да почнат „структурно да опаѓаат“ веќе следната година заради инсталирањето на рекорден број постројки за производство на обновлива енергија.

Кина произведува 31 отсто од глобалните емисии на CO2 од фосилни горива.

Сепак, во новиот извештај се наведени и некои „светли точки“ како што е падот на емисиите на САД и на Европската унија, делумно поради затворањето на електраните на јаглен.

„Вкупно 26 земји, кои произведуваат 28 отсто од светските емисии, имаат тренд на намалување. Повеќето од нив се во Европа“, забележале научниците во извештајот.