Последниот танц на големиот Роџер

LinkSense.mk

Петата тениска пресметка меѓу Европа и остатокот од светот ќе остане во сенка на последниот меч во кариерата на Роџер Федерер.

Легендарниот Швајцарец на зајдисонце во тандем со Рафаел Надал после двомечот против Френсис Тијафо и Џек Сок во лондонската „О2 Арена“, и официјално кажа збогум на професионалното играње тенис.

Во рамките на Лејвер купот, Роџер ќе ја спушти завесата на грандиозната кариера достојна за најголемите спортисти на сите времиња.

„Не сакав целиот турнир да ми биде посветен на мене, ниту, пак, премногу да се појавувам.

Затоа го прашав тренерот Бјерн Борг дали можам да играм само двојки во петок навечер. Апсолутен сон е да го одиграм последниот меч во кариерата со Рафа“, изјави Федерер.

„Ќе биде тешко, пред се за Роџер, но и за мене.

Можеби најважниот играч во мојата тениска кариера заминува“, рече Надал.

Елитното друштво се собра во Лондон, тука се и Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј за да му оддадат почит на еден од нивните најголеми ривали.

„Одлично е што имаме шанса да поминеме извесно време надвор од теренот заедно.Имавме тимски вечери, разговаравме за тенисот, спортот воопшто, за животот… Сите сакаме да победиме и во исто време добро да се покажеме, поради збогувањето на Роџер, повеќето од нас се восхитувавме на неговите успеси пред да станеме тенисери.Сакаме да ја прославиме неговата кариера и се надевам дека ќе имаме добар викенд“, изјави Ѓоковиќ.

Емоциите го преплавија Надал, соиграчот на Роџер на неговото збогување од тенисот.

„Ќе биде тешко, пред се за Роџер, без сомнение, но и за мене.

На крајот заминува еден од, ако не и најважниот играч во мојата тениска кариера“, изјави Шпанецот.

Имаше и хумористично „препукување“ меѓу Новак и Роџер кога српскиот тенисер беше прашан кој меч против Федерер ќе го памети.

„Првото финале на Грен слем во 2007 година, кога загубив“, рече Ѓоковиќ, па Роџер „ретернираше“:

„Сега си многу добар“.

Новак не му „остана должен“.

„Не сум завршил.

Веројатно најважниот меч против Роџер е финалето на Вимблдон 2019 година“, мислејќи на мечот кога Федерер беше на еден поен од титулата, а Новак успеа да го сврти мечот во своја корист и да победи.

„Што се случи тогаш не знам, се збркав“, возврати уште еднаш Роџер.

Роџер Федерер својата тениска кариера ја завршува со 20 Гренд слем трофеи, еден повеќе од Новак Ѓоковиќ и два повеќе од Рафаел Надал.

Швајцарецот во кариерата освои 103 титули, а во Опен ерата на тенисот поуспешен беше само Американецот Џими Конорс со 109 трофеи во сингл.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)