Почна бербата и откупот на лутите пиперки, кои најмногу се извезуваат на пазарите во Србија и Косово, а дел завршува и на домашниот пазар.
Според производителите, од средината на овој месец почна бербата на лутите пиперки, кои најмногу се засадени под пластеници и фолии во струмичко Банско.
„Задоволни сме од откупната цена, која се движи од седум до осум денари за парче.
Како што стасува производството, така расте и интересот на трговците. Се надевам дека овие откупни цени ќе останат и понатаму, иако може да се случи следниот месец цената да падне, бидејќи тогаш е екот на бербата, вели Даме Тренчовски, производител на лути пиперки од селото Банско.
Благодарение на затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото Банско, производството на лути пиперки стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување.
ИЗВОР: МИА