Почнува собирањето потписи за независни листи на локалните избори

Постапката за собирање потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори почнува денеска согласно Роковникот на Државната изборна комисија, а завршува на 30 август на полноќ.

Повеќе групи на граѓани најавија собирање потписи за учество со свои листи на локалните избори и тие веќе и се познати на јавноста.

На прес-конференција вчера беше најавена граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ која произлезе од поврзување на „Здравје пред профит“ со активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, култура и други области, кои сакаат да го спречат натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општина Центар.

На социјалните мрежи поддршка се бара и за граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“, а пролетта во Охрид беше промовирана уште една група граѓани кои се очекува да собираат потписи за кандидирање на локалните избори на 17 октомври.

Потписите се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија (ДИК) и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 8 до 20 часот, а на 30 август до полноќ.

Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет-страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи.

Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник.

Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општина до 10.000 жители, најмалку 150 потписи во општина од 10.000 до 30.000 жители, 250 потписи во општина од 30.000 до 50.000 жители, 350 потписи во општина од 50.000 до 100.000 жители, во општина со над 100.000 жители најмалку 450 потписи и за Скопје најмалку 1.000 потписи.

Листите на кандидати за членови на советот на градот Скопје и листата на кандидат за градоначалник на градот Скопје, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до Општинската изборна комисија (ОИК) и до избирачките комисии на Градот Скопје најдоцна на 11 септември, до 24 часот, 35 дена пред денот на одржување на изборите.

Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб-страница, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници.

Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври.

Граѓаните со право на глас кои сакаат да се изјаснат на локалните избори закажани за 17 октомври, своите податоци може да ги проверат во Избирачкиот список преку веб-страната на ДИК.

Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември. Тогаш ДИК на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.

На локалните избори годинава првпат за проверка на идентитетот на граѓаните ќе се применат систем и терминали за вчитување на отпечатоци од прсти.

 

 

(Фото: МИА)