По изборите во Франција: на Мицкоски му е потешко одошто по европските избори, за Северна Македонија – тоа се добри вести.
1. Свесни дека саботирањето на Преспанскиот и Софискиот, но и на духот на Рамковниот договор им е се попровидно и пресретнато и во соседството и дома:
– Давкова ќе се објаснува по медиуми, а
– премиерот ќе се слика од Вашингтон…
За тоа време:
– само формално ќе бидат “кооперативни”, за земјата да не прерасне во доверлив партнер во НАТО, а
– фактички ќе ги држат заладени односите со сите соседи освен Србија, за да ја одржат проекцијата на Северна Македонија како “жртва” на соседите-членки на ЕУ и себе како нејзини “бранители”.
2. Резултатите на Меланшон и Макрон на Париз му овозможуваат да продолжи со поддршка на Украина за одбрана од руската агресија и национално и преку европските институции.
Тоа ја оневозможува Ле Пен национално и континентално да наметнува политика на примирување со Путин(измот) што му ја нуди Централна, Источна и Југоисточна Европа “на чинија”.
Резултатите од изборите во Франција се потврда и на францускиот и на европскиот курс на проширување на ЕУ кон Украина, Молдова и Западниот Балкан, вклучително Северна Македонија, паралелно со зацврстување на одбранбените врски од двете страни на Атлантикот во и преку НАТО.
3. Сето ова ги ограничува маневарските простори на Орбан и неговите партнери во Братислава, Белград, Бањалука, Подгорица и Скопје.
Ова особено откако политиките на европските центри од Варшава до Париз, вклучително самиот Брисел со новата Европска Комисија, практично добија легитимитет за продолжување на досегашната политика:
– и во однос на Европа соочена со прва војна во своето географско подрачје по 1945
– и во однос на надворешната и на политиката на проширувањето на ЕУ.
4. Секако, резултатите од предвремените избори нема да ја решат целосно поларизацијата во француското општество, а формирањето на нивната коалициона влада ќе биде предизвикувачко.
Но и во францускиот, како и во други европски случаи: поларизацијата во општествата растеше правопропорционално со растот на авторитаристичките политички движења.
И бидејќи овие движења растеа паралелно со зацврстувањето на Путин во Кремљ, нивниот пад е поврзан со поразот на путиновата агресија врз Украина.
5. Сето ова го вади лидерствата од Западниот Балкан вклучително на Северна Македонија “на отворено”: дали ќе се движат кон евроинтеграциите со сета поддршка и во Брисел и во соседството и “преку големата бара” – или ќе ги саботираат своите нации.
Во нашиот случај, ова ќе се види веќе со (не)продолжувањето на ВМРО-ДПМНЕ во правец на нарушување на независноста на судството и сето она што ќе произлезе како последица.
Ивон Величковски