По осумнеделен раст: Пад на цените на нафтата

LinkSense.mk

На светските пазари, цените на нафтата минатата недела паднаа, за прв пат по осум недели, и се намалија од највисоките нивоа во повеќе од седум години.

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за околу 1 отсто, на 93,54 долари, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 2,2 отсто, на 91,07 долари.

Минатиот понеделник цените на црното злато достигнаа нови највисоки нивоа од крајот на 2014 година, но во текот на неделата тие попуштија и го забележаа првиот пад во последните девет недели.

Во фокусот на инвеститорите беа украинската криза и преговорите меѓу САД и Иран за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи договорот би можел да вклучи постепено укинување на санкциите за извозот на иранска нафта, што ќе го ублажи проблемот со недоволното снабдување на светскиот пазар.

Надежите дека иранските барели би можеле да се вратат на пазарот во поголем број ги засениле тензиите околу Украина и заканите од Западот кон Русија со санкции доколку таа ја нападне соседна земја.

Москва упорно ги отфрла тврдењата дека подготвува напад врз Украина, но трговците стравуваат од санкции бидејќи тие би можеле да ја вклучат руската нафта, што би довело до прекини во снабдувањето на Европа со енергенси од Русија.

Многу се зборува за војна и судири, но сето тоа сè уште не е убедливо за трговците. Можеби затоа премијата за геополитички ризик почнува да опаѓа“, вели Стивен Бренок од „ПМВ Оил“.

Аналитичарите, пак, предупредуваат дека контурите на договорот за заживување на иранскиот нуклеарен договор прикажуваат неколку фази и чекори, а првиот, според дипломатите, не вклучува укинување на санкциите за иранската нафта. Затоа се мали шансите иранската нафта да се врати на пазарот во блиска иднина, сметаат аналитичарите.