Правда пак бара испорака на одметнатиот Никола Груевски

LinkSense.mk

Министерството за правда неделава ќе поднесе ново барање за екстрадиција на Никола Груевски од Унгарија во Македонија. Барање за екстрадиција ќе биде поднесено и до Косово, за „враќање“ Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција во ноември 2018 година и, шест месеци подоцна, во јуни 2019 година, дополнување на постоечкото барање. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница.

Унгарија на 5.8.2019 година го одби барањето со образложение дека на Груевски му бил даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал.

За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат била побарана екстрадиција  на 15.3.2013 година. Барањето било одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово во јануари 2016 година. Нивна екстрадиција повторно е побарана на 5.09.2018 година, а лани во август било добиено известување од косовските власти дека предавањето на Исмаиловиќ на македонските правосудни органи се одбива, а пак за Демири нема одговор.

„Се што беше побарано од косовските власти им беше доставено“, велат од Министерството за правда.

Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и во октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

Апелациониот суд Скопје пред извесно време донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор.