Полјаците вчеравечер на Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот на своите прозорци ставија запалени свеќи, а на улиците на Варшава како и секој 27 јануари повторно, не примајќи патници, потполно празен минуваше стар трамвај со дрвени клупи означен со Давидова ѕвезда.
Празниот трамвај на трасата низ центарот на градот потсетува на еврејските соседи кои повеќе ги нема затоа што германските нацисти ги испоубија во гасните комори на Аушвиц и други логори на смртта кои беа подигнати во текот на Втората светска војна во окупираната Полска.
Полски официјални лица, претставници на Еврејската заедница, Институтот за паметење на народи кои истражува и архивира документи за злосторства на нацистичкиот режим и други институции и невладини организации положија цвеќе пред Споменикот на јунаците на гетото кои, свесни дека одат во сигурна смрт, подигнаа востание во
Варшавското гето во април 1943 година и речиси еден месец прижале силен отпор кога нацистите донесоа одлука да го ликвидираат гетото, а Евреите од него ги испоубија по концентрационите логори.
Централната церемонија на оддавање почит на жртвите од холокаустот на денот кога во 1945 година најголемиот германски логор на смртта на територијата на Полска, Аушвиц Биркенау, 27 јануари, беше ослободен од советската Црвена армија, одржана е во Аушвиц во присуство на околу 60 преживеани логораши, премиерката Беате Шидло и државни делегации на Израел, Русија и други земји.
Во Аушвиц од 1940 до 1945 година нацистите убија најмалку 1,1 милион луѓе, главно Евреи, но и Роми, советски заробеници, Полјаци и припадници на други народи од области на Европа кои беа окупирани од тогашна Германија.
Се проценува дека во текот на холокаустот се убиени околу шест милиони Евреи, од кои, половина од жртвите, три милиони, биле полски Евреи.