Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, денес, до повеќе лекарски здруженија во Македонија го доставија новиот Предлог закон за докторска дејност.
Со овој Предлог закон за докторска дејност се предвидува вреднување на докторскиот труд односно се утврдува висината на платата преку колективен договор, која што би ја земале специјалистите и општите доктори од примарното, секундарното и терцијалното здравство.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека платите на докторите специјалисти треба да бидат во висина на четири и пол просечни плати, или 100.000 денари, додека пак примањата на општите доктори да изнесуваат две и пол просечни плати, односно 56.000 денари.
„Предлог законот за докторска дејност го доставивме до лекарските здруженија како би имале можност и тие да дадат свој придонес и затоа очекуваме нивни сугестии, идеи и предлози се со цел да се задоволат и усогласат барањата и потребите на лекарската фела во нашата држава. Наша идеја како подносители и предлагачи на овој закон е во наредниот период да оствариме директни средби со претставниците од повеќе лекарски здруженија се со цел да излеземе во пресрет на потребите на лекарската фела во Република Македонија. На крајот, сакаме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалцијата „За подобра Македонија“ покрај овој позитивен предлог закон и досега искрено и напорно работеше и реализираше огромен број на мерки во здравството и здравствените работници, како што се мегапроектот за набавка на современа медицинска опрема, реконсктрукција на постоечки и изградба на нови здравствени објекти, стручна доедукација на кадрите и уште многу други мерки со кои значително се унапреди здравствениот систем и се подигна квалитетот на услугите во здравството во Република Македонија“, се наведува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.







