Прво Патоказ, а сега Манифест

ВМРО-ДПМНЕ денеска промовираше Манифест за единствена Македонија. Манифестот предвидува Македонија да биде матична земја на Македонците каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи.

„Ова е документ со насоки, начела и принципи кои се однесуваат за владеењето во следните 15 години и се засонва на четири принципи: нацинално обединување за сè што значи национален интерес и интеграција, владеење на правото и пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин“, рече Антонијо Милошоски на промоцијата на Манифестот.

Со Манифестот кој е понуден да го прифати и СДСМ, напомена Милошоски, се предвидува и редовен дијалог меѓу опозицијата и власта во Македонија и изнаоѓање решенија во рамки на институциите, како заштита од надворешни влијанија кои неретко како што беше кажано, се на штета на државата.

Според Манифесот треба да се воспостави редовен дијалог помеѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес.

„Членството во ЕУ и НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде природно припаѓаме. Со цел да се обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање на европски регион помеѓу Македонија и соседните земји за подобро користење на ЕУ-фондови, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори“, појасни членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски.

Во однос на името, истакна дека нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име.

„Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение“, рече Попоски.

Илија Димовски, член на извршниот комитет, пак, пописот на населението го истакна како значаен за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми.

„Пописот мора да е статистичка, а не политичка операција кој ќе се води строго според методологијата на европската статистичка агенција „Еуростат” и Организацијата на Обединетите Нации“,- изјави Димовски.

Според него, неопходно е национално обединување околу целите за подобра економија, повисок раст, повеќе инвестиции, поуспешни претприемачи, новоотворени работни места за нашите граѓани, затоа што тоа е навистина најпотребно.

ВМРО-ДПМНЕ неодамна објави и Патоказ за излез од политичката киза со кој предлага надпартиски договор.за одредени прашања за секое принципиелно решавање на внатрешните разлики.