Предадена донација на возила и опрема од Германија

„Ми причинува особено задоволство што денеска заедно со амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Анке Холштајн  присуствуваме  на  свеченото примопредавање на опрема – донација од Сојузното министерство за внатрешни работи на Сојузна Република Германија за  нашето министерство за внатрешни работи“, рече министерот Спасовски на почетокот од своето обраќање пред присутните.

„Неспорен е фактот дека од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше и останува наш доследен поддржувач и партнер, давајќи огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество, подготвено да стане рамноправен член на евро-атлантските асоцијации“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на возилата и опремата наменети за потребите на Граничната полиција, донација од Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија. Донацијата, вредна околу 660.000 евра, опфаќа 22 возила, од кои  10 од марката „дачиа дастер“ и 12 од марката „форд фокус“, со вредност од 370.000 евра кои ќе бидат предадени за користење на Бирото за јавна безбедност за потребите на Граничната полиција и техничка опрема во вредност од 290.000 евра, која се состои од: опрема за присилно запирање на возила –  модел „Стингер“, опрема за напредна проверка на документи – модел  „Регула“, термални камери со долг домет, батериски лампи, светлечки стоп палки, чизми и флуоресцентни елeчиња.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија Анке Холштајн во своето обраќање подвлече: ,,Ми причинува задоволство што можам да ви предадам опрема во вредност од 660.000 евра – донација од 22 теренски возила, термални камери, апарати за проверка на документи, уреди за присилно запирање на возила и друга опрема. Сојузна Република Германија исклучително ја цени поддршката на полицијата на Република Северна Македонија, особено на граничните служби, во справувањето со миграциските текови на Балканската рута“.

 

Според Холштајн, заедничкото менаџирање со мигрантските текови во Европа е исклучително важно за постигнување успеси во овој сегмент. „Вашата работа е доказ за одговорност и професионалност, па во 2020 година службите постојано и успешно се справуваа со групи за криумчарење на мигранти. Се надеваме дека овие успеси ќе продолжат и во 2021 година. За тоа колку ние важна соработката со вас покажува и фактот што минатата година назначивме и офицер за соработка со граничната полиција во германската Амбасада. Уште еднаш ја изразувам мојата срдечна благодарност за добрата соработка и вашиот ангажман“, посочи германската амбасадорка.

Министерот Спасовски во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи упати благодарност до германската влада и до колегите од германското Министерство за внатрешни работи за вредната донација и за нивната искрена подготвеност за понатамошна поддршка и помош, која придонесува кон продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и кон квалитативно надградување на капацитетите на МВР на Република Северна Македонија.