Презентирана мапа со планинарски патеки на Шара

Мапа со 54 планинарски патеки на Шар Планина беше претставена денеска во рамките на еднодневна трибина „Важноста на планинарските патеки за развој на руралниот еко туризам на Шар Планина“ што во организација на платформата Пријателите на Шара се одржа во Тетово.

Патеките се со должина од над 300 километри и досега се користени од страна на планинарите, туристите и месното население.

Овие 54 патеки се протегаат по целиот масив на Шара од Љуботен до Мавровското Езеро. На мапата се објаснети почетните точки, точките на минување и крајното одредиште, со информации дали и колку секоја од нив е соодветно обележана со таканаречени маркери, информативни табли, постоење на сместувачки капацитети, можности за ГПС наведување и слично.

Мапите ќе бидат достапни по канцелариите на планинарските друштва и планинарските домови.

Денешната активност е дел од проектот за зачувување на биолошката разновидност и одржливото искористување на природните ресурси на масивот на Шар Планина и подршка на инцијативата за прогласување на дел од оваа планина за национален парк.