Откажани се сите летови на германскиот аеродром Берлин Бранденбург во главниот град, соопшти операторот, откако персоналот почна штрајк поради износот на платите.
Денеска требаше да има 300 полетувања и слетувања со речиси 35.000 патници.
Штрајкот почна во 3 часот и 30 минути.
Синдикатот „Вер.ди“ го повика персоналот на аеродромот на штрајк и престанок со работа на еден ден, поради недоволниот напредок во трите паралелни преговори за платите.
„Се надеваме дека притисокот е доволен“, изјави претставникот на синдикатот Енрико Румкер, додавајќи дека нивната цел е напредок во преговорите.
Тој вели дека аеродромот понудил колективен договор за период од 24 месеци, според кој платите ќе се зголемат за три отсто на 1 јуни и уште два отсто на 1 мај следната година.
„Кога ќе погледнете колку е висока стапката на инфлација и ќе земете предвид дека платите на колегите не се зголемени многу, многу години, оваа понуда е, се разбира, шамар за колегите“, рече Руемкер.
Германската влада денеска треба да го објави својот годишен економски извештај.
Нацртот на овој извештај, објави Ројтерс, повикувајќи се на свои извори во владата, предвидува инфлација од шест отсто во 2023 година и 2,8 отсто во 2024 година.







