Премиерот Заев се сретна со американскиот претседател Џозеф Бајден

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Брисел, на маргините на Самитот на НАТО, се сретна со американскиот претседател, Џозеф Бајден, за кого ова беше прва лидерска средба на Алијансата откако стапи на оваа функција и го поканил да ја посети Македонија.

Заев, според информациите што стасуваат од Самитот, остварил куса, но значајна средба со новиот американски претседател од кого добил охрабрувачки пораки, и најава дека ќе го посети Западен Балкан.

„Се видов и со претседателот Бајден. Имавме прилика да поразговараме, прво за нашата енергетска поврзаност, којашто ја правиме преку проектот Александрополи, кој е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата можна посета на Западен Балкан при што го поканив да ја посети Северна Македонија. Американскиот претседател ми истакна дека го знае Западен Балкан, дека работел за Западен Балкан, и дека регионов ја има целата поддршка на Соединетите Американски Држави“, изјави Заев за државната новинска агенција МИА.

Заев средбата и разговорот со Бајден ги оцени како пријатни, како средба на преставници на две држави кои се стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата и на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот.

„Драго ми е што имавме прилика да поразговараме за мошне значајни теми коишто се преокупација и на Америка и на Европа. Иако официјално не сме членка на ЕУ, САД подеднакво гледаат на нас, како да сме веќе во Унијата. Впрочем, тоа и го покажа низ разговорите претседателот Бајден“, истакна Заев.

Премиерот оствари и низа други билатерални средби со лидерите на земјите-членки на НАТО на овој самит, кој е и првиот за Македонија откако таа е полноправна членка на Алијансата.